Операторите до Манчевски: Работиме законски, понудивме и решение на проблемот кое може многу брзо да се имплементира

Од Здружението додаваат дека се отворени за соработка и апелираат да биде разгледано предложеното решение за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добијат прифатливо решение.

Целосно ги почитуваме сите законски прописи кои се однесуваат на нашето работење и шокирани сме од јавно упатената закана од министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на  социјалните медиуми тврдат од Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

Тие реагираат на изјавата на Манчевски објавена на Фејсбук, која тој ја даде по протестот на македонските оператори одржан на 21.6.2020 година. во која вели дека „со прекинот на телевизиските канали од страна на операторите е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации“.

Како што соопштија од Здружението,протестот кој го спроведоа македонските оператори во текот на вчерашниот ден е реакција на безизлезноста и институционален отпор и апел за што побрза реакција од страна на надлежните поради неуставните обврски наметнати со последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесени во нетранспарентна постапка како последна точка од работата на Собранието на денот на неговото распуштање – 16.02.2020 година, како и Уредбата со законска сила донесена на 29.5.2020 година со која ни се наметна ретроактивна обврска за пререгистрација на сите странски ТВ содржини кои веќе се регистрирани во АВМУ и тоа во рок од 60 дена.

„Овие законски одредби за нас претставуваат ситуација на Виша сила кои значат реална можност од 8.8.2020 година комплетно исклучување на сите телевизиски канали со што ќе бидат оштетени корисниците на сите оператори, а тоа влијае на правото на избор на ТВ содржини на сите македонски граѓани. Сето тоа не` примора да преземеме акција за да ја подигнеме јавната свест кон проблемите со кои се соочуваме во моментот“, се наведува во соопштението.

Оттаму потсетуваат дека и покрај сите напори, реакции и отвореност за соработка, во интерес на корисниците, состојбата со реемитување на телевизиски канали сѐ уште нема решение.

– Како резултат на оваа состојба бевме принудени да го активираме најавениот времен прекин во реемитувањето на сите телевизиски програми, освен јавниот сервис МРТ и да ја прикажеме реалноста што ќе следува од 8 август 2020 година, доколку не се најде соодветно решение за овој проблем. Прекинот е протест против постојните акти на државата кои го спречуваат нашето нормално работење, а протестот претставува гарантирана уставна категорија и основен правен инструмент во секое демократско општество. Како оператори кои застануваат во одбрана на јавниот интерес и правата на корисниците, сметаме дека не смее да биде ограничено правото на изразување, посебно не со јавно упатена закана преку социјалните медиуми и сме непријатно изненадени од ставот на министерот да констатира или изрекува казни или други забрани дотолку повеќе што повреда на Законот за електронски комуникации може да констатира само овластен инспектор од Агенцијата за електронски комуникации- велат од Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

Од Здружението додаваат дека се отворени за соработка и апелираат да биде разгледано предложеното решение за измена на Законот и на подзаконските акти кои доколку се прифатат ќе добијат прифатливо решение.

– Со што ќе се превенира ескалација на потенцијалниот медиумски и информативен мрак и ќе придонесе кон донесување на регулативна рамка во согласност со Европските директиви во областа на аудиовизуелните медиумски услуги. Ние понудивме и решение на проблемот, кое со малку добра волја може многу брзо да се имплементира. Што се однесува до корисниците, како оператори и во нашата најава на протестот ги информиравме дека ќе бидат обештетени во согласност со законските обврски – ветат од Здружението на информатичко-комуникациски технологии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот