Оперативниот план за вработување за 2021 во износ од над два милијарди денари

Јагода Шахпаска
Јагода Шахпаска / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Користејќи ги искуствата од реализацијата на Оперативниот план за вработување во 2020 година во однос на мерките кои беа најатрактивни и за кои се покажа најголем интерес, го креиравме оперативниот план за 2021 година во износ од над два милијарди денари, соопшти денеска на прес-конференција министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Министерството, како што посочи, за оваа намена обезбеди четири пати повеќе средства во споредба со лани што значи зголемување на опфатот на невработени, зголемување на нивните квалификации согласно потребите на пазарот на трудот.

На прес-конференцијата таа и директорот на Агенцијата за вработување на РСМ Абдуш Демири ги презентираа резултатите од Оперативниот план за вработување за 2020 година. Како што беше посочено, реализацијата на Оперативниот план за 2020 година изнесува 94,5 посто, односно опфатени биле 10 953 невработени лица.

– Реализирани се 1 милјарда и 270 милиони денари од кои 650 милиони денари за поддршка за креирање на нови работни места. И оваа година мерката за самовработување беше една од најдобрите и најуспешните со висока реализација од 98,5 посто. Околу четири илјади лица се вработија преку мерките доделување на грантови во износ од пет илјади до 10 илјади евра, субвенционирање на плати, како и вработување на правни субјекти, информира Шахпаска.

Преку активните мерки и програми на Оперативниот план, нагласи, овозможиле 189 лица со попреченост да потпишат договори за вработување, а со тоа се искористиле 99,4 проценти од средтвата за таа намена. Министерката додаде дека обезбедиле и ранзи видови обуки и практиканство кои опфатиле 2331 невработено лице.

– Обезбедивме 100 процентна реализација на обуката за напредни ИТ вештини. Практичното знаење и потребните вештини за одредена работа се значаен фактор да се биде конкурентен на пазарот на трудот. Тоа го потврдува и успешноста на оваа програма за која беа реализирани 41 милион денари. Со мерката за практиканство беа вклучени невработени лица до 34 години со минимум завршено средно образование, посочи Шахпаска, додавајќи дека најголем бил интересот кај младите лица кои во оваа мерка се застапени со 88,2 проценти.

Согласно реформите во системот за социјална заштита во Оперативниот план за 2020 за првпат се воведе категоријата на корисници на гарантирана минимална помош кои имаа можност за вклучување во секоја од мерките за вработување преку процесот на активација. Со цел да се мотивираат младите да се вклучат во производните дејности, посочи Шахпаска, продолжи користењето на младинскиот додаток за лица до 23 години. Со оваа мерка се опфатиле 2 875 млади лица што, според министерката, значи надминување на очекуваните резултати и се постигна реализација од 120,8 проценти.

– Република Северна Македонија е прва земја која не е членка на ЕУ, а започна со имплементација на проектот „Гаранција за млади”. Во фокусот на овој проект се млади невработени лица до 29 години и мерката даде одлични резултати и покрај условите што ги наметна пандемијата од ковид. Од 25 482 вклечни млади лица, 7 197 се вработиле, а 1 249 лица преку вклучување во активни мерки ја зголемиле својата вработливост, додаде Шахпаска.

Демири посочи дека невработените покажале иницијатива за отворање на сопствен бизнис. Најчесто, како што посочи, тие се одлучуваат да отворат бизнис во дејноста трговија на големо и мало, преработувачка индустрија, градежништво и објекти за сместување.

– Би ги издвоиле обуките за побарувани занимања на пазарот на трудот во кои земаа учество 421 невработено лице за стекнување на вештини за работа како автомехничари, бравари, заварувачи, слаткари, пекари, негуватели на стари лица, лични асистенти. Најатрактивни беа обуките за напредни ИТ вештини, заклучи Демири.

Економско-социјалниот совет, претходно, на седница, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, го усвои новиот Оперативен план за активни мерки и програми за вработување за 2021 година. Трансферот на средства од Буџетот на МТСП за оваа намена во однос на 2020 година ќе биде зголемен за повеќе од четири пати, поради последиците од пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот