Операција на синуси, па позитивен ковид-19: Одложено и третото рочиште од предметот против Нефи Усеини

нефи усеини
Нефи Усеини, советник од ДУИ во Општина Охрид, Фото: Архива

Не се одржа ниту третото, по ред, рочиште во судскиот процес што се води против браќата Нефи и Ибраим Усеини пред Основниот суд во Охрид. Причина за одложување на денешниот распит е позитивен тест на коронавирус на првообвинетиот Нефи Усеини кому му е изречена мерка домашна изолација.

Инаку, првото рочиште од процесот беше одложено за 26 октомври, поради влошената здравствена состојба на Ибраим, брат на советникот во Општина Охрид од редовите на ДУИ, Нефи Усеини. Тогаш пред Судскиот совет од предметот што го водеше судијата Милчо Клишески не се појави ниту Спиро Топалоски, оштетен и главен сведок во судењето, со образложение дека неговата сопруга вработена во детска градинка не можела да отсуствува од работно место, па немало кој да се грижи за децата.

Второто рочиште не се одржа поради тоа што второобвинетиот Ибраим Усеини беше на оперативно лекување во странство и стоматолошка интервенција на оштетениот Спиро Топалоски.

Покрај денешното, предметот што сега го води судијката Билјана Белеска имаше закажано уште едно рочиште на 3 декември што, исто така е одложено, со појаснување дека процесот ќе продолжи во јануари во 2021 година.

Обвинителството покрена постапка против браќата Усеини за настан што се случи на 18 август оваа година, кога пред хотел во Охрид, Спиро Топалоски бил физички нападнат од браќата Усеини, при што, според првичната изјава на оштетениот, бил изваден и пиштол, а кон него и неговиот малолетен син биле упатувани закани.

Судскиот процес против нив се води поради сомневање дека се сторители на кривично дело „насилство”, иако против нив првично беше покрената пријава и за „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали”.

Оштетениот Топалоски го смена исказот даден во предистрага, посочувајќи дека се работи за недоразбирање односно погрешно протолкувана изјава. За одбраната исказот на Топалоски даден пред Јавен обвинител беше посочена како единствен валиден доказ во постапката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот