Операција „Македонија“

Седиме така наведнати над картата на Европа. Паралелно сме ја „повикале“ Европа дома и на лаптоп и на ајпад, на сите можни апликации. Како воени војсководци сме. Монгомери и Патон (Патон едвај чека да дојде на слободна територија и да запали пура). Ама како искусни патници, авантуристи и планери (за ова нешто подоцна), најмногу доверба и задоволство ни влева и затоа ја имаме вистинската, хартиена карта, или мапа на Европа, онаа географската, со сите патни правци и детали, која сега лежи распослана над кујнската маса, која за оваа цела е проширена (масата), односно сме ги извадиле дополнителните плочи оддолу, и од маса за четворица сме направиле маса за шестмина. За да може да ја рашириме, (мапата) да ја вртиме, да ја налегнуваме, да ја студираме, да ставаме соларници со морска и хималајска сол, ќесички со шарена сол, буковец (лут и благ), вазнички ем чашички („сувенири“ од ресторани), на места за паузи и преспивања, на селцата каде што сме биле, на гратчињата и топонимите, онаму каде што сме залепиле со селотејп од многу отворање, затворање и виткање и, како тргнала работата, да им се восхитуваме и да си спомнуваме на убавите добри времиња. Ја гледаме така мапата полна со предмети, а ние полни  со носталгија и заклучуваме неколку работи. Прво, сме биле на многу места низ Европа. Второ, како што тргнала работата со пандемијата, на рашетувањето низ Европа, што ни беше годишен летен ритуал и редовна традиција, ќе мора да почекаме. Ако ништо друго, барем до догодина. И трето, ни треба шарена сол.

Недостигаат „масовки“

Е сега, ако не може европско расшетување, може ли барем до татковината наша главна да тркнеме? Таа често ни беше дел од маршрутата. Или со некои наши да се видиме, така, поголема група, па макар и на неутрална територија? Ми недостигаат „масовки“, ете, не како оние во „Икеа“, во Брисел, ама во „Зара“ би ѕирнала кога ќе ја отворат тука, барем за она белото саковце, како на Рада. Еднаш среде лето патувавме од Шпанија до Словенија, зашто едни наши пријатели ни рекоа дека ни чуваат билети за квалификациите на македонската кошаркарска репрезентација. Тоа што нашите кошаркари го загубија мечот со Босна нема врска, важно беше масовно и се видовме со  драгите луѓе. И потоа, кој за Скопје, кој за Лондон.

Сега, во кујната правиме планови за Македонија. Никогаш не сме планирале, освен карта Довер – Кале,  секогаш сме патувале на „кому иде“, ама ова се други времиња. И ги следиме дневните информации на сите можни медиуми  за развојот на ситуацијата со коронавирусот низ Европа, посебно низ нашата евентуална маршрута. Сега-засега, со авион не е можно. Ама не ни мислевме со авион за летово. Може со специјален лет наоколу, преку Софија или Солун евентуално, со посебни документи, со многу компликации и потоа со карантин. Па дури и скопскиот може ќе го пуштат. Ама тоа не е за нас. Плус, ние далекувидо гледаме – за јуни или јули. Засега не може со брод, ама велат тогаш ќе може. Довер – Кале. И бидејќи секогаш нашата европска авантура е со автомобил, така и сега. Обично преспиваме во разни хотечлиња во убави романтични места низ Европа. И ги пробуваме локалните деликатеси и кулинарски способности на шефовите во рестораните, за кои потоа откриваме дека биле локално или регионално многу познати. Секогаш со убави спомени. Никогаш со планирање. Ама, реков, сега се други времиња, па еве нѐ во кујната.

Значи, билет за ферибот Довер – Кале имаме купено уште од декември минатата година. Од информации имаме дека ни треба тест дека не сме „виросани“ – сега-засега јавното здравство тука тестира само заразени, или оние што работат во здравство или заразени основни работници, а ние не сме ниту едно ниту друго, но за 375 фунти (по човек) може да се тестираме приватно. Тестовите на југ од Европа, сега-засега важат само 72 часа. Добро, изгор скапо, ама остварливо. И за тоа сме подготвени (со стегнато срце, ама ајде). Па сметаме вака. Како во многу, многу старите времиња, со родителите.

Се подготвува големо количество пржени лепчиња. И зденка сирење и кашкавал. Плус кафе во термос. И сокови (оние со цевче) и вода, многу вода. Значи Довер – Кале, па од таму до Брисел, кај Кристијан и Нана. Па после кај Мери во Берн. Па од таму до кај Душан во Белград. И ете нѐ во Скопје. А од таму, здравје, на Пелистер. Со маски, со влажни марамчиња за дезинфекција и со друго попатно застанување само каде што мора. Ептен каде што мора.

Англичани низ коридори

Со надеж дека низ коридорот да стигнеме до татковината ќе нѐ пуштат и нема да нѐ гледаат сомнително, зашто доаѓаме од земја во која, сега, додека го пишувам текстот, има 33.614 починати и 233.150 заразени. А оваа бројка, додека го читате текстот, има шанси да се зголеми. Сега, велат дека се очекува бројот на новозаразени да почне и да опаѓа, но не знам. Сепак, ние сме, по Американците, „среќни носители на државјанство“ од, како што сега стојат работите, „високоризична земја со ковид-19“ и не сум сигурна кој би нѐ примил со раширени раце. Освен мајка ми и сестра ми. А и тие со маски.

Британската влада успеа да договори со Франција меѓусебно да нѐ бараат нивните државјани да поминуваат 14 дена во карантин, на влез или на излез од нивните земји. И толку. Дали така ќе биде и со другите, да се надеваме, зашто Европската Унија би требало да има заедничка надворешна политика и се зборува за договор за живнување и спасување на туризмот. Ама сепак, постои можност во секој миг некој да си го задржи правото и да се побуни, односно да ги заостри мерките. Така ни рекоа и тука, кога во неделата премиерот паролата „останете дома“ ја замени со „останете претпазливи“. Ако се зголеми бројот на случаите, ќе се вратат рестрикциите, ни рече. Така и во другите земји.  Па може да се случи, во зависност од тоа кој коридор ќе одбереме, без наша вина, да останеме заглавени, на пример во Австрија, Словенија, Хрватска… или не дај боже во Унгарија, каде што деновиве господинот Орбан го покажува засилено самоволието и потенцира дека не ги почитува ниту европските правила, уште помалку демократијата, а за едни македонски Англичани или англиски Македонци кои тргнале, па патуваат низ половина Европа да стигнат до главната татковина, најмалку му е гајле. Плус, од книшка имаме само европска здравствена, зелен картон за колата кој е бел по боја (за тоа допрва ќе имаме расправии со полицијата на граница во Македонија која инсистира на зелена боја, освен ако не налетаме на некој далтонист) и четири пасоша и три возачки дозволи со многу печати (печатите на пасошите), што некому во тие краишта со граници со бодликави жици и тенки живци може да му се види и сомнително.

За Монгомери и Патон, операцијата за пробивања и коридори е во тек. Картата на Европа останува на масата во кујната со стратегиски распоредените чашички, вазнички, зачини и соларник. Планот, засега, не е напуштен. Плус, ни треба шарена сол.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот