Опасностa од Бугарското вето

Впрочем не е проблем што Бугарија го саботира македонското пристапување кон ЕУ, туку проблем е што ЕУ нема желба и начин како да го обесхрабри и спречи вакво однесување на своите полноправни членки.

Македонците се емотивни луѓе и веројатно тешко го поднесуваат неочекуваниот  “ладен туш” на кој беа изложени, неколку дена отткако беа одушевени поради првиот Европски пласман во фудбал, па се до една нова блокада на патот кон членството во Европската Унија. Можно е овие две работи да не се споредливи и да не ги интересираат подеднакво сите Македонци, меѓутоа имаат заедничка симболика на одењето кон Европа, како во фудбалската, така и во политичката смисла. Патот е тежок, долготраен и успехот се очекува со децении, меѓутоа сега за сега резултати има само во фудбалската, но не и во политичката квалификација.

Тоа што Бугарија ги блокираше пристапните преговори за членство во ЕУ на Македонија, не е новина, ниту пак изненадување. Долга е историјата на соседски сопки на патот кон станување членка на ЕУ. Словенија ја блокираше Хрватска заради границите на Пиранскиот залив, па Хрватска отткако стана членка на ЕУ ја блокираше Србија, а тоа и на краток временски период го направи и Буарија поради положбата на своето малцинство во Србија. Грција децении наназад ја држеше Македонија без никакви шанси да се интегрира во ЕУ и НАТО, се додека не го промени името. За целиот временски период, ЕУ повторува дека нерешените соседски прашања не смеат да бидат на некои членки на ЕУ причина за вето на својот сосед кој не е во ЕУ. Но, кој ќе верува во тоа веќе, посебно после Бугарското вето?

Впрочем не е проблем што Бугарија го саботира македонското пристапување кон ЕУ, туку проблем е што ЕУ нема желба и начин како да го обесхрабри и спречи вакво однесување на своите полноправни членки. На тоа што Бугарија ја  “уценува” Македонија за историските и идентитетските прашања, Германија која моментално заседава со ЕУ, одговара ладно и незаинтересирано-нека тоа самите си го решат, а ние ќе помогнеме ако не повикаат.

На овој случај ЕУ до сега покажува најголема и најотворена незаинтересираност за отворање врата на нови членки од Балканот. Ниту Брисел, ниту главните Европски метрополи веќе не се трудат да пронајдат утешни, оптимистички зборови за оние кои се уште се во чекалната, едноставно за тоа немаат волја.  Она за што вистински се засегнати и каде им “гори” се блокадите и вето-гласовите внатре во ЕУ. Како да излезат на крај со Унгарија и Полска, кои го блокираат усвојувањето на гигантскиот буџет од 1,8 трилиони евра, бидејќи е условен со почитување на човековите права и владеење на законите. Едното вето, она Бугарското се однесува на граѓаните на Македонија и можеби на нивните балкански соседи, меѓутоа она на Унгарија и Полска се однесува за цела Европа, посебно за богатите. Иако опсегот на двата вета им е различен, сепак суштината им е иста-не носат ништо добро.

Европа веќе подолго време удира во ѕидовите, кои сама себе и на своето ефикасно функционирање си ги постави. Нејзината бирократска форма ја изеде нејзината прогресивна и вредносна содржина, од која не може да се извади, без големи внатрешни реформи. Бугарското вето за преговорите на Македонија, а уште повеќе и молкот на Германија по повод тоа вето, потсетување е дека и Србија ќе влезе во ЕУ, која нема да изгледа како оваа денес. Најверојатно ќе биде ЕУ поделена на повеќе зони, кругови, “брзини”, токму каква што Макрон ја опиша пред две години. Таква ЕУ во реалноста постои, нејзините зони се граничат по економска сила, што е природно и единствено функционално. Додека таа реалност не се озваничи со реформи во ЕУ, вето ќе има се почесто, без разлика дали внатре или надвор од ЕУ. Блокадата која што ја претрпува Македонија од Бугарија, како и цела ЕУ од Унгарија и Полска ќе биде се почеста и посурова, се додека ЕУ не се трансформира во заедница која функционира и која никој нема да сака да ја напушти. ЕУ тоа денеска не е.

Патот на Србија за членство во ЕУ, наредната година ќе слави полнолетство. Тоа е доволна причина да престанат да се однесуваат кон неа како кон незрела личност, повторувајќи и ги истите приказни, кои ги слушала кога била мала. Го знаете она-имате Европска преспектива, вратата за членство во ЕУ ви е отворена…Србија ќе знае дека ЕУ ја сака во нејзиниот состав само ако тоа јасно и го покаже, на пример милиони евра помош за надминување на последиците од пандемијата, што рака на срце, веќе го направи. Во спротивно Европјаните на Балканот лесно ќе бидат заменети од некои други големи играчи во светот, но тоа нема да биде добро за Европа, ниту пак за Балканот. После Бугарското малтретирање на Македонија, тешко може да се очекува јакнење на вербата во ЕУ и желба да и се пристапи, било каде на Балканот. Испразненото место на европскиот ентузијазам, веднаш го заземува некој друг, во чии планови за иднината, нема простор за напредок на Балканот, безбедноста и развојот на балканските нации. Меѓутоа има доста простор за конфликти, сиромаштија и корупција, сето она кое Балканот и Европа сакаат да го поминат чекорејќи и обврзувајќи се дека заедно ќе работат на интеграцијата.

За жал Европа ја потценува опасноста, која лежи позади Бугарското саботирање на Македонија на патот кон ЕУ, меѓутоа за среќа тоа го препознава САД, па бараат такви проблеми да се решаваат надвор од процесите за пристапување во ЕУ. Како и во случајот со мртвите преговори за Косово, која ги активираше и резултираа со договор во Вашингтон, Америка и во овој случај се јавува како главен покровител на Балканскиот пат кон ЕУ. Повеќе и од самата Европа, иако тоа и е работа. Судејќи по изјавата на Мајкл Карпентер некогашен надворешен политички советник на Џозеф Бајден, тоа и ќе продолжи да е и во идната администрација- “Ниту Бугарија, ниту Северна Македонија не добиваат ништо од сегашниот конфликт, корист имаат само оние кои сакаат да ја поделат Европа”.

Авторот е директор на Меѓународниот институт за безбедност – Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот