Опасни конфликти на нарцисоидниот Вучиќ

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Со организирањето на утрешниот мегамитинг, претседателот на Србија мисли дека влегува во славна историја, но неговиот однос кон незапаметено масовните протести „Србија против насилството“ ја турка земјата во нови поделби.

Утре е денот што Александар Вучиќ го избра за да ја преточи сопствената нарцисоидност во манифестација на колективно обожавање на водачот, каква што не е видена во историјата на Србија.

Претседателот на државата во својство на лидер на Српската напредна партија организира мегамитинг во Белград, чија единствена цел е зад Потемкиновите фасади да ја глорификува својата апсолутистичка власт, а единствениот резултат ќе биде колосален придонес за уште подлабоки поделби во и онака опасно поларизираната земја.

По двете масовни пукања во почетокот на овој месец, во кои животот го изгубија 18 лица, половината од нив деца, се очекуваше дека властите на од болка и од шок потресената Србија ќе смогнат сили заеднички да почнат да трагаат по одговорот на прашањето што секој го поставуваше: како нам ни се случи сето тоа?

Штом изминаа трите дена на национална жалост, десетици илјади луѓе во Белград се собраа на протестот „Србија против насилството“. Достоинствената, спонтана и тивка поворка собра многу граѓани што не ги интересира политиката, но се загрижени за безбедноста на своите деца. Го изразија своето длабоко незадоволство од состојбата во општеството.

Вучиќ се вознемири: се исплаши од народот на улица. Иритирајќи го здравиот разум, тој се обиде да го десеткува бројот на учесници на првиот протест. Се врати во времето на Слободан Милошевиќ и на „грстот шетачи“. Неговиот „Пинк“ ги преименува во „грст мразачи“.

Откако изгуби секаква контрола врз ненадејните трагични настани, сѐ понервозниот претседател ја нарече манифестацијата „срамна“, обвинувајќи ја опозицијата дека се обидува да капитализира од несреќата.

– Додека сум жив ќе се борам со сите вас против најлошите ништожници, кои својата единствена шанса ја гледаат во трагедијата на Србија. Ќе морате секогаш да се борите против овие хиени за спас и иднина на нашата земја – ги подбуцнуваше Вучиќ своите следбеници и даде знак за почеток на реваншистичката офанзива, чија цел станаа и „странските служби“ – омилениот дежурен виновник на Балканот.

„Зли, необразовани и слабо интелигентни“, стоеше во срамното соопштение на Вучиќевата Српска напредна партија од Врачар, општината во која се наоѓа училиштето во кое беше извршен масакрот. „Мршојадниот собир на опозицијата го предводи џган“, грмеше еден од неговите таблоиди. Беше јасно дека двете масовни убиства ќе станат катализатор на поделби, а не на обединување.

Повторно катастрофално реагираше врвот на државата. Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и министерот за финансии Синиша Мали на фотомонтажа на Инстаграм провокативно се поигруваат со волјата на граѓаните. Тројцата со насмевка. Срамно!

Режимот го доби она што го бараше. Со својата надуеност регрутираше уште помасовен одѕив минатиот петок. Беше тоа собир како оној на 5 октомври 2000 година, кога на улиците на Белград беше соборен режимот на Слободан Милошевиќ. Независни процени говорат за близу 200.000 луѓе.

Во земјата во која сѐ е политизирано, очекувано беше опозицијата да му се придружи на протестот. Испорачан е список со барања: оставка на министерот за внатрешни работи и на директорот на Безбедносно-информативната агенција, одземање на националните фреквенции на телевизиите „Пинк“ и „Хепи“, чии програми глорификуваат насилство. Укинување на режимските печатени медиуми „Српски телеграф“, „Информер“, „Курир“ и „Вечерње новости“, кои промовираат омраза. Побарано е распуштање на Агенцијата за контрола на електронските медиуми РЕМ, која целосно се стави во служба на власта.

На барање на опозицијата, отворена е собраниска дебата за безбедносната ситуација, но нејзиниот тек и количеството разменети навреди потврдија дека демократските вредности, како дијалогот и толеранцијата, во Србија сѐ уште се во повој.

„Вучиќ замини!“ беше новиот крик на масата во која, како и претходниот пат, се најде импресивен број млади луѓе. На повеќето од нив, честопати осомничени за политичка апатија, тоа им беше првиот социјален ангажман во животот.

Уверен дека покажувањето каква било емпатија е знак на слабост и дека манифестацијата на сила, безобразие и навредувања е столб на политичката моќ, Вучиќ тогаш реши утре да ја повика Србија во Белград.

„Ги повикуваме сите луѓе што ѝ сакаат добро на Србија, кои сакаат да ја сочуваме Србија, да ја одбраниме од оние што би ја урнале и би ја уништиле по секоја цена, за да покажеме дека на мирен, достоинствен, горд и демократски начин никој не може да им ја одземе Србија од нејзините граѓани“.

Стотици автобуси од внатрешноста ќе го блокираат Белград. Сендвичи и вода, можеби и нешто во кеш, ќе бидат поделени на реверс. Партиските водачи на патот внимателно на влезот во автобусите ќе контролираат квотите да бидат исполнети, а на излезот ќе следат некој да не се измолкне од контролата за да посети тетка во главниот град.

На вработените по јавните претпријатија немаше ни потреба да им се каже што треба да прават. На другите одамна им е ставено на знаење дека би им било подобро доброволно да се придружат за да не ги начека в понеделник отказ или префрлање на послабо платено работно место. Разиграниот „рент-а-народ“ ја изрази организираната и научена лојалност.

Ангажирани се и Србите од резервните позиции, а можно е да се оствари и до неодамна невозможното: на митингот да присуствува и Милорад Додик. Неговото неодамнешно заминување во Москва кај Путин и агресивната политика кон Западот му создаваат проблеми на Вучиќ. Ќе има и организирани напреднички сили и од Црна Гора.

Зад сѐ се крие Потемкинова фасада. Вучиќ добро го знае тоа, но тој е воден од одмазднички жар: сака на незадоволните да им покаже колку се мали, бедни и безвредни. Оние што мислат поинаку ги екскомуницира од општеството, вулгарно ги анатемисува и ги прогласува за парии.

Масовните убиства треба да послужат како прекинувач за општа катарза, но кога претседателот дел од својот народ го нарекува „џган“ и „хиени“, тогаш Србија нема што да очекува. Наместо да биде обединета во болка, земјата на неиздржливи политички поделби, тензии и социјални раслојувања е построена во две колони, потврдувајќи ја длабочината на јазот што оваа власт систематски го копа во изминатата деценија.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот