Родителите онлајн наставата ја оценија со „петка“!

22 септември 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Онлајн наставата годинава била на позадоволително ниво од лани, кога беше прогласена пандемијата од коронавирусот и кога училиштата се затворија, а учениците останаа дома. Ова го покажува истражувањето од искуства на родители, наставници и директори на училишта кое го спроведоа „Реактор“ и МОН со поддршка од УНИЦЕФ и амбасадата на Обединетото кралство.

Во анкетата беа вклучени 1793 родители а 55% од анкетираните родители наставата од далечина ја оценија со „петка“ или одлично, 25% од нив ја оценија со „четворка“, а само 1% родители сметаат дека таа заслужила „единица“.

– Сите напори кои се вложиле покажуваат оти има задоволство од оваа учебна година, во однос на претходната. Онлајн учењето е задоволително и можеме да кажеме дека сме имале успешна година, а тоа го покажуваат искуствата на сите вклучени страни – изјави министерката за образование, Мила Царовска.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, предупреди дека последиците од наставата на далечина уште долго ќе влијаат врз децата. 

– Кога преминавме на онлајн настава минатата учебна година многу деца не ни можеа да се приклучат на истата, наставниците не се снаоѓаа и повеќе родители сакаа отворање на училиштата, но за жал пандемијата тоа не го дозволи. Сепак, оваа учебна година МОН успеа да понуди комбиниран модел на настава, дури и отворање на училиштата за најниските одделенија. Но, кога станува збор за онлајн учењето, иако има подобрување на сите аспекти, сметам дека акцентот треба да се стави на отворање на училиштата, бидејќи последиците од изолирањето на децата дома допрва ќе се чувствуваат – истакна Џовани, додавајќи и оти токму со примена на техниките од онлајн наставата во наставата со физичко присуство ќе може да се добие поуспешен модел на предавање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот