„Онлајн Деловникот“ на седница во четврток

Фото: МИА

Со Предлог на деловник за дополнувања на Деловникот на Собранието на Република Македонија, се предлага Собранието и работните тела да одржуваат седници од далечина, а пратениците да имаат право и должност да учествуваат во истите без лично присуство.  За работата од далечина ќе се употребува безбедна информациско – комуникациска технологија

Измените на деловникот поврзани со онлајн работата на народните избраници во време на корона криза ќе се најдат пред пратениците на 22 собраниска седница која треба да се одржи во четврток оваа недела, како осма точка на дневниот ред. Спикерот Талат Џафери ги предлага електронско присуство на пратениците заболени од коронавируст за да може Собранието и собраниските работни тела непречно да работат во време на Ковид 19.

– Основните решенија на овие дополнувања ќе придонесат за зголемување на ефикасноста и квалитетот на функционирање на Собранието како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката во оваа здравствена состојба предизвикана од коронавирусот со вклученост на сите пратеници во работата на Собранието, пишува во предлог измените на Деловникот.

Доколку претеникот е заболен од коронавирус, за својата болест е должен електронски, со документ од надлежен орган, да го извести спикерот дека ќе учествува и одлучува на седницата од далечина. Спикерот пак, на координација, ден пред седницата на која пратеникот нема да може физички да присустсвува треба да ги информира останатите народни избраници.

– За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско – комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието. За присутни пратеници се сметаат и пратениците кои известиле дека на седницата ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедна информациско – комуникациска технологија, јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собранието со „ЗА“, „ПРОТИВ“ или „ВОЗДРЖАН“ за прашањето за кое одлучува Собранието, пишува во измените на Деловникот.

Со измените власта смета дека ќе се обезбеди зголемување на ефикасноста на работата на Собранието во период кога постои здравствена криза предизвикана од коронавирусот.

-Со вака предложените одредби пратеникот ќе може да го оствари своето право и обврска кои произлегуваат од неговата функција, а Собранието во целост ќе ја оствари уставната улога на преставнички орган и носител на законодавната власт, пишува во измените.

Власта и опозицијата и понатаму остануваат секој на својот став. За владејачкото мнозинство измените се неопходни бидејќи така Собранието ќе може непречено да работи во време на коронавирус.

За опозицијата ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Алијанса и Алтернатива пак ова е обид власта да може да функционира и со тенко собраниско мнозинство.

Од друга страна пак во време на корона вирус претставува нов тренд во земјите од Европската унија и од целиот свет, како што се Шпанија, Белгија, Бразил, Полска, Романија, Словенија, Хрватска и други земји кои заради здравствената криза ги променија своите правила и процедури за работа на парламентите и од практична примена на истите ваквиот начин на работа го промовираат како решение кое во услови на пандемија се покажало како успешно.

Спикерот Џафери предлага измените на Деловникот да се носат по скратена постапка. Но, според неофицијално собраниски извори, до нив тешко ќе се дојде засега нема согласност од опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот