ОН за Газа: Речиси 800 луѓе се убиени на пунктовите за дистрибуција на хуманитарна помош за шест недели
Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права (OHCHR) денес изјави дека документирани се најмалку 798 убиства во близина на дистрибутивните точки управувани од Хуманитарната Фондација за Газа (ГХФ), поддржан од САД и Израел, и во близина на конвои со помош од други агенции за помош, вклучувајќи ги и Обединетите нации.
Препорачано
ГХФ користи приватни американски компании за обезбедување и логистика за испорака на залихи во Газа, во голема мера заобиколувајќи го системот управуван од ОН, за кој Израел вели дека им дозволува на милитантите да ограбуваат пратки со хуманитарна помош наменети за цивили. Хамас ги негира обвинувањата.
По смртта на стотици палестински цивили кои се обидуваа да стигнат до точките за дистрибуција на помош на ГХФ во областите каде што дејствуваат израелските сили, Обединетите нации го нарекоа моделот „по својата природа небезбеден“ и кршење на хуманитарните норми за непристрасност.
„(Од 27 мај) до 7 јули, документиравме 798 убиства, вклучувајќи 615 во близина на точките на ГХФ, и 183 очигледно по должината на рутата на хуманитарните конвои“, изјави портпаролката на ОХЦХР, Равина Шамдасани, за новинарите во Женева.
Од ГХФ кој започна со дистрибуција на пакети со храна во Газа кон крајот на мај откако Израел ја укина 11-неделната хуманитарна блокада, во понеделник за Ројтерс изјави дека бројките на ОН се „лажни и погрешни“.
Организацијата постојано негираше дека се случиле какви било инциденти на нејзините локации. „Факт е дека најсмртоносните напади врз хуманитарните локации се поврзани со конвои на ОН“, изјави портпарол на ГХФ.
Од канцеларијата на Високиот комерасар на ОН соопштија дека тие ги базираат своите бројки на низа извори, вклучувајќи информации од болници во Појасот Газа, гробишта, семејства, палестински здравствени власти, невладини организации и партнери на терен.
Повеќето од повредите на Палестинците во близина на центрите за дистрибуција на помош, регистрирани од ОХЦХР од 27 мај, биле прострелни рани, рече Шамдасани.
„Изразивме загриженост за злосторствата што се извршени и ризикот од понатамошни злосторства таму каде што луѓето чекаат основни залихи, како што е храна“, рече таа.


