Омни диета – за слабеење, за детоксикација и за спречување на воспалителните процеси

Овој начин на исхрана комплетно ќе го исчисти телото од наталожените токсини и ќе ги намали масните наслаги

Доколку сакате да имате вита линија, но исто така се плашите да почнете со кој било режим на исхрана бидејќи имате одредени здравствени проблеми, во тој случај обидете се да ги обликувате телото со т.н. Омни диета.

Овој начин на исхрана успешно ќе ви помогне во процесот на слабеење, а истовремено ќе направи комплетна детоксикација на телото, ќе помогне во исфрлањето на наталожените токсини и ќе го заштити телото од појава на одредени заболувања.

Токму поради тоа, оваа диета од ден на ден станува сѐ попопуларна во светот. Составена е од три последователни фази и опфаќа т.н. дозволени и забранети намирници.

Урамнотежено јадење

Оваа диета ја актуализираше медицинската сестра Тана Амен, која се изборила со сериозни здравствени проблеми и карцином на штитната жлезда. Имено, пред околу 30 години Тана се соочувала со многу здравствени проблеми какви што се хормонален дисбаланс, инсулинска резистенција, висок холестерол и проблеми со штитната жлезда. За да го врати своето здравје во рамнотежа, одлучила да го промени начинот на исхрана. Се фокусирала на исхрана што подразбира јадење храна од растително и од животинско потекло во умерени количини.

Омни диетата вклучува јадење 70 отсто храна од растително и 30 отсто храна од животинско потекло. Сепак, иако на прв поглед не изгледа така, овој начин на исхрана е многу ригорозен и голем број од намирниците, комплетно се исклучени.

На пример, млечните производи, глутенот, сојата, шеќерот, пченката, компирот и вештачките засладувачи, воопшто не се дозволени.

Три фази за време од шест недели

Искуствата на оние што ја практикувале оваа диета говорат дека овој начин на исхрана помага во регулирањето на воспалителните процеси во телото, го намалува ризикот од појава на хронични болести и помага во нормалното функционирање на мозочните клетки.

Омни диетата подразбира програма за исхрана која е поделена во три фази и трае 6 недели.
Првата и втората фаза од овој начин на исхрана се многу ригорозни, а кога ќе се навлезе во третата фаза, исхраната е поедноставна и полесно се поднесува.

Прва фаза

Првата фаза опфаќа период од две недели. За тоа време, во никој случај не смеете да консумирате храна што се наоѓа на списокот на т.н. забранети намирници. Во оваа фаза, дури 90 отсто од исхраната се базира на овошје.

Исто така, важно е да се напомене дека за појадок и вечера, треба да се пие зелено смути.

Исхраната во овој период најмногу треба да содржи протеини и да се внесува во временски интервал од 3 до 4 часа.

Исто така, додека трае оваа фаза, треба да вежбате двапати неделно и барем еднаш посетете сауна поради детоксикација на телото.

Од пијалаците е дозволено само вода. Секој друг напиток е забранет.

Втора фаза

Во текот на втората фаза што трае дополнителни две недели, треба да продолжите да ги следите правилата кон кои се придржувавте и во претходните две недели. Единствената разлика меѓу првата и втората фаза е што можете да си дозволите повремено да внесувате благо, во чиј состав содржано е поголемо количество какао, но кое во никој случај не смее да содржи шеќер и бело брашно. Како пример за здрав внес на десерт од таков тип е темното чоколадо.

Покрај тоа, од вас се очекува и да вежбате и тоа секојдневно, а не како што беше случај додека траеше првата фаза, само двапати неделно.

Во оваа фаза и пешачењето е задолжително и тоа во времетраење од најмалку 30 минути.

Трета фаза

Третата фаза од оваа диета исто така трае две недели. Во овој период е дозволена поголема флексибилност кога станува збор за консумирањето на храна. Дозволено е да внесувате околу 10 отсто од т.н. забранети намирници, бидејќи ова е последната фаза од овој начин на исхрана, па мора телото да го навикнувате на „враќањето“ во нормалниот начин на исхрана.

Во оваа фаза од диетата, дозволено е да пиете вино, но никако пиво или засладени и газирани напитоци.

Список на намирници што треба да ги јадете додека трае Омни диетата:

– Зеленчук што не содржи скроб (рукола, артичоки, аспарагус, авокадо, репка, пиперки, брокула, зелка, морков, карфиол, целер, блитва, цикорија, краставица, домати, коморач, лук, кељ, зелена салата, печурки, кромид, ’рдоква, спанаќ, тиквички, модар патлиџан).

– Органско немасно месо (пилешко, мисиркино, риба, морски плодови).

– Јајца (важни поради омега-3 киселини).

– Масти и масла (бадемово, кокосово, маслиново и масло од макадамија).

– Сурови и незасладени јаткасти плодови и семки.

– Брашно од јаткасти плодови (бадемово брашно).

– Билки и зачини.

– Напитоци – вода, зелен чај и незасладени растителни млека.

Храна што треба да ја јадете повремено:

Овошје – свежи или замрзнати бобинки (малини, боровинки, капини и јагоди), останатото овошје е дозволено повремено (на пример, јаболка, кајсии, банани, цреши, грозје, грејпфрут, киви, лимон, диња, портокал, праски, круши, ананас и лубеница).

Безглутенски житарици (интегрален ориз, киноа).

Растителни протеини (грашок и леќа – не се дозволени во првите две фази).

Масло за готвење – пченкарно.

Засладувачи – мед, но во мали количини.

Кафе: една шолја дневно, пред 12 часот.

Храна што не е дозволена:

– компир,

– јаглени хидрати (житарици, овесни снегулки, леб, бело брашно, шеќер, теста, ориз),

– свинско, шунка, преработки од месо,

– млечни производи (путер, сирење, павлака, сладолед, млеко и јогурт),

– производи и грицки од пченка,

– разни грицки и слатки (торти, колачи, слатко, чипс, брза храна, соленки),

– шеќер,

-сокови,

-сосови.

Придобивките после ваквиот режим на исхрана:

– го ограничува консумирањето на нездравата преработена храна,
– поттикнува слабеење без гладување,
– позитивно влијае врз притисокот и здравјето на срцето,
– прави детоксикација на телото,
– ја намалува зависноста од шеќерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот