ОМД со барање до Нетфликс, Амазон и Линкдин: Воведете македонски јазик на вашите платформи

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) се обрати до некои американски технолошки компании, како Нетфликс, Твитер, Амазон Прајм и Линкдин со барање за воведување на македонски јазик на нивните платформи.

– Вкупниот број на луѓе кои зборуваат македонски јазик низ целиот свет се проценува дека е близу четири милиони. Тоа го потенцира постоењето на значаен пазар за големите брендови за стриминг и технологија, соопштија денеска од ОМД.

Од организацијата велат дека македонските иселеници се загрижени за тоа нивните потомци да не ја изгубат врската со мајчиниот јазик.

– А, таа врска може да се зајакне преку секојдневни активности, како дружење со популарните серии. Имајќи ја предвид големата побарувачка и пазар за нив, од суштинско значење е на сегашните и на идните говорители на македонскиот јазик да им се нудат услуги на нивниот мајчин јазик, исто како и понудата на другите јазици, велат од ОМД.

Од организацијата контактирале со некои платформи и сервиси, вклучувајќи ги Линкдин и Нетфликс, „за да дознаеме дали планираат да вклучат услуга за превод на македонски јазик како дел од нивните производи”.

– Тука има две клучни насоки – бизнис и забава. Можеби не треба да очекуваме дека Нетфликс или Амазон ќе понудат услуга за превод преку ноќ за сите наши омилени серии и филмови, но треба да има временска рамка за усвојување и тоа им го потенциравме, изјави Мишко Јосифов, член на УО на ОМД.

Линкдин, од друга страна, како и други технолошки платформи, го употребуваат стотици илјади Македонци ширум светот, укажуваат од ОМД. Велат дека усвојувањето е неконзистентно и дека треба да им е приоритет на македонските лидери за сите Македонци да имаат пристап до комерцијалните дигитални можности.

– Ако сме сериозни и се нафатиме да го направиме македонскиот јазик трговски и економски центар, тоа е процес што треба да работи и на двата начина. Луѓето треба да се разберат едни со други за да го заштитат македонскиот јазик, да ја прошират неговата употреба и да им овозможат на новите генерации да го научат, истакнуваат од ОМД.

Од ОМД велат дека на многумина во Македонија најлесно им е да гледаат емисии со англиски, хрватски или српски преводи. Иако некои емисии вклучуваат синхронизација, има јасен простор за проширување на користењето на македонскиот јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот