Омаж за Омер Калеши се одржа во Чифте амам

Националната галерија организираше омаж за сликарот Омер Калеши (1932 – 2022) со изложба во негова чест, која беше отворена на 16 јуни во Чифте амам. Изложбата е организирана во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје и членови од семејството на Калеши.

На отворањето на изложбата на дела од Калеши се обратија Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, професорот Ферид Мухиќ и Изет Зеќири, Ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Сликарот Омер Калеши е роден во Македонија, емигриран во Турција, каде што завршил Ликовна академија, а од 1965 година бил со постојано место на живеење во Париз. Тој беше човек кој ја бранеше и со посебна инспирација и љубов ја доловуваше убавината на балканската цивилизација и сите културолошки испреплетувања наспроти наметнатата психологија на подвојување и разединување.

Изет Зеќири, Дита Старова Ќерими и Ферид Мухиќ

Калеши се одликува со космополитски дух. Неговото творештво посебно го ценеле Жак Лакариер, Јордан Плевнеш, академик Луан Старова, Исмаил Кадаре и др.

Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои, всушност, се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција.

Во неговата богата биографија имал повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан.

Во 2018 година е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“.

Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во Универзитетот „Мајка Тереза“, Универзитетот „Илирија“ во Приштина, Националната галерија на Македонија, галериите во Бурса, во Турција, и во Тирана, во Албанија. Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево планира да отвори галерија-музеј со дела од Омер Калеши.

На омаж-изложбата се прикажани 30-ина негови дела во техника масло на платно, а истата ќе може да се погледне до крајот на месецот, посочија од Националната галерија.

Фотографии: Маја Аргакијева

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот