ИН МЕМОРИАМ | Иван Андреевски Маче: Небото ќе му е тесно

Таму, каде неговото место за вечност е резервирано, го чекаат Радомир Хари Миновски, Киби, Зоран Муфљуз, Травка, Аце Стиков и други. Во тоа друштво и небото ќе му е тесно.

Деновиве се одјави од животот еден од старата гарда новинари, Иван Андреевски Маче. За неговите професионални успеси како новинар, а подоцна како директор на МРТ, инвентивноста која до ден-денес во таа куќа никој не ја надминал, визионерството во ЈУТЕЛ, се фрагментарни наводи од мноштвото детали кои ги отсликуваат неговите професионални достигнувања. Исклучително почитуван од ЈРТ (здружението Југословенска радио и телевизија) заедницата, препознаен и високо ценет од колегите од тогашните ТВ-центри на Југославија.
Новинарскиот леб со седум кори што тешко – но вредно, бескомпромисно и посветено го заработуваше, мораше да го заслади и омекне со својот редок дух. Имаше срце поголемо од земјината топка. Приватно, секогаш расположен да прифати шега на своја сметка, проследено со заразна насмевка, без ,,не“ во вокабуларот, љубител на добрата капка и уште подобро друштво, спремен за пријатели да скока во оган и да биде смел кога е ,,тврдо“, се само дел од неговите особености. Изречените пцости секогаш му беа во функција на тоа што го кажува и соопштува и никогаш не звучеа вулгарно, колку тоа да звучи парадоксално. Кај него пцостите беа стилска фигура – не навреда. Неговата жовијалност беше негов заштитен знак; не постои човек кој во негово друштво останал без насмевка и добра мисла.
Беше редовен читател од првиот број на нашиот ,,Слободен печат“, наш критичар и поддржувач. И кога не се согласувавме околу некои теми, се бираа зборови, изрази, гестови на внимание да не се навреди спротивната страна. Како стар новинарски волк, знаеше дека вистината има повеќе нијанси во зависност од светлото во денот. Додека ги пишував овие редови, во канцеларија ми наврати негов стар колега; на моето спомнување на ова искрено сеќавање на Маче, неговиот колега од Радио Скопје само изусти: „Беше добар човек“. Tоа е сублиматот и суштината на Иван Андреевски Маче. Да се биде добар човек во време-невреме кога Балканот и Македонија минуваа низ големи историски премрежја е подвиг сам по себе, остварлив само од посебните.
Ете, смртта на Маче ја заокружи најинтересната кафеанска маса од Клубот на новинари на Македонија, таму некаде од средината на осумдесетите години од минатиот век, каде се водеа најинтересните, на моменти најласцивните, но несомнено најдуховитите разговори што некогаш се воделе во оваа земја. Таму, каде неговото место за вечност е резервирано го чекаат Радомир Хари Миновски, Киби, Зоран Муфљуз, Травка, Аце Стиков и други. Во тоа друштво и небото ќе му е тесно.
Вечна слава Иване Андреевски, за пријателите Маче.

(Авторот е директор и медиа директор на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот