Олимпискиот факел ќе згаснеше во Белград

Фото: EPA/CLEMENS BILAN

Пред Олимпијадата во Берлин 1936 година, имаше обид да се „киднапира“ олимпискиот факел во Белград, но безуспешно.

– Олимпискиот факел на свеченото отворање на Игрите во Берлин 1936 година

Иако на олимписките игри важи девизата на Пјер Кубертен (творецот на модерните игри) важно е да се учествува и на кои фер-плејот и пораката за мир е во преден план, сепак и тие не беа имуни на разни скандали, комични сцени, дури и невидени тепачки на кои мораше да интервенира и полицијата. Дури и палењето на олимпискиот оган и носењето на факелот не беше имуно на скандалите.

За првпат Олимпискиот оган е запален за време на одржувањето на Игрите во Антверпен 1928 година, а олимпискиот факел како симбол на мирот почна од Олимпијадата во Берлин 1936 според идејата на филмската режисерка Лени Рифештал, миленичката на Јозеф Гебелс, првиот соработник на Адолф Хитлер. Каква иронија, факелот на олимписките игри, симбол и порака за мир на целиот свет, почна токму од Германија, која под раководството на Хитлер ја започна Втората светска војна во која имаше милиони жртви.

Лени Рифештал го организираше првото палење на олимпискиот оган во древната Олимпија, во Грција, каде што со години Германците вршеа разни археолошки ископувања, собирајќи антички предмети од непроценлива вредност. Првиот факел на пат до Берлин од Грција мина низ тогашна Југославија, Унгарија, Австрија и Чехословачка.

Но, по пат беше придружуван не толку како денес од спортистите колку од полиција и војска, бидејќи Хитлер имаше информација дека се подготвува киднапирање на факелот, особено на подрачјето на Југославија каде што постоеше план еден од носителите, при минувањето на мостот на Сава кај Белград да се фрли со него во водата и да го згасне. Вториот план беше со вооружена акција да се однесе во непознат правец кај Автокоманда, но сето тоа беше безуспешно, бидејќи освен полицајците и војниците никој не можеше да го носи или да се доближи до носителот на факелот.
Но сепак кога сме кај олимпискиот факел, неговото носење во некои градови не мина без скандали и комични сцени.

– Пааво Нурми го пали огнот на Игрите во Хелсинки 1952 година
Мистериозна девојка во Хелсинки

За време на Олимписките игри во Хелсинки 1952 година се случи несекојдневен настан за кој долго се пишуваше. На преполниот Олимписки стадион во Хелсинки во очекувањето на последниот носител на факелот, прочуениот фински атлетичар и светски рекордер на долги патеки Пааво Нурми, во една величествена атмосфера, низ вратата на стадионот се појави една девојка во бел фустан, со распуштена долга коса. Трчаше боса кон свечената трибина, меѓу спортистите кои беа построени по свеченото дефиле покрај атлетската патека. Збунети од сето тоа што се случуваше, не реагираа ниту организаторите, ниту обезбедувањето, спортистите. Мислеа дека е тоа дел од сценариото за свеченото отворање на носењето на факелот и палењето на олимпискиот оган. Таа непречено успеала да дотрча до свечената трибина, да го земе подготвениот микрофон и да почне да држи говор.

Дури тогаш реагирало обезбедувањето кое за миг ја симнало од свечената трибина пред очите на преполниот стадион. Девојката била од Германија, дошла да ги следи Игрите и на светот да ја упати својата порака за мир. Се викала Барбара Рот и боледувала од шизофренија. По неколку денови испитувања во полицијата, била вратена во Германија.

Нешто слично се има случено за време на игрите во Мелбурн 1956 година, каде што последен носител на факелот беше Рон Кларк, подоцна светски првак и рекордер на долги патеки. Факелот беше запален во древната Олимпија во Грција, а на почвата на Австралија пристигна на 9 септември, патувајќи со брод и авион. Потоа илјадници млади спортисти од овој континент го носеа покрај брегот низ разните градови во Австралија.

Олимписките игри во Мелбурн 1956
Проблеми во Мелбурн

Сѐ до Мелбурн немаше проблеми, но во Мелбурн факелот пристигна некаде во вечерните часови. Во центарот на градот се беше подготвено за неговиот пречек, илјадници граѓани, музика, градоначалникот со подготвен говор. Десетина минути пред предвиденото време за доаѓањето на факелот, во центарот на градот се појави група момчиња, во спортска облека, кои го носеа факелот. Беа бурно поздравени од присутните граѓани, со звуци на разни маршеви. Дури и градоначалникот одржал поздравен говор. Но кога оваа група, повторно поздравена од собраните граѓани, си заминала, на патот кон Олимпискиот стадион, каде наредниот ден требаше да се запали олимпискиот оган, се појавија вистинските носители на оригиналниот факел.

Се знае само дека претходните „носители“ биле студенти што сакале малку да се пошегуваат со организаторите, во што и успеале. Поради нив целата церемонија морала да се повтори. Што е уште поинтересно, и покрај големата потрага, полицијата никогаш не успеала да ги пронајде виновниците, иако знаела дека биле студенти. Се поставува прашањето како присутните не виделе дека носат лажен факел, кој ни приближно не личел на оригиналниот.

Дошол како турист и победил

Интересна е и приказната за Ирецот Џон Боланд, кој на Олимписките игри во Атина 1896 година дошол во посета кај еден свој добар пријател. Во Атина дознал дека се одржува Олимпијада и дека има натпревари во тенис. Бидејќи бил добар играч, се пријавил за учество кај организаторите. Тогаш, во тоа време тоа било можно, бидејќи немало многу спортисти како денес. На големо изненадување, тој го освоил златниот медал, прв златен медал за Ирска. Но тоа не беше сѐ. Го пронашол Германецот Фриц Трауме, кој исто така рекреативно играл тенис, па заедно со него победиле и во двојки. Не сакајќи, во својата држава Боланд се вратил со два златни олимписки медали. Колку учесници имало на тенискиот турнир, не е познато. За квалитетот на тогашниот тенис не е потребно да пишуваме.

Утре: Голема тепачка на Олимпијадата во Мелбурн

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот