Олеснување за 150 илјади граѓани што доцнат со сметките

сметки струја ЕВН сметка
Сметки за струја. / Фото: Драган Митрески / Слободен печат.

Граѓанските организации кои гласно навиваа да се реши проблемот со долговите и енормните камати, сметаат дека ова е половично решение, бидејќи приватните компании не се опфатени.

Од 1 јануари догодина, граѓаните, ќе добијат можност, да ја плаќаат само главницата на евентуалниот долг на повеќе рати, растоварени од притисокот да ги плаќаат каматите. Ова е предвидено во Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица во услови на ковид-19, чијшто текст беше разгледан од владиниот кабинет. Сепак законот треба да ја помине собраниската процедура, што значи дека ќе помине уште време додека конечната верзија (ако има амандмани) ја види светлината на денот.

– Овој предлог-закон, како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, беше вклучен во Петтиот пакет мерки на Владата, опфаќа околу 150.000 граѓани и ги уредува условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физичките лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репрограмирање на главниот долг и трошоците, на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон – објаснуваат од Владата.

Граѓанските организации кои гласно навиваа да се реши проблемот со долговите и енормните камати, сметаат дека ова е половично решение, бидејќи приватните компании не се опфатени.

– Не велиме дека граѓаните нема да добијат бенефит од законот, но разочарувачки е што не се опфатени приватните компании. Граѓаните имаат страшни маки со извршителите за долгови кон веќе банкротирани банки и телекомуникациски компании, кои исто така веќе не постојат, ама бараат енормни суми за камати кои во повеќето случаи десеткратно го надминуваат основниот долг. Постојано ни се жалат граѓани, кои добиваат повици од приватни компании кои ги откупуваат долговите на приватните компании и наплатуваат енормни камати – вели за „Слободен печат“, Маријан Ристески, претседател на Конфедерацијата на Синдикални Организации на Македонија (КСОМ). Ристески е разочаран што државата и натаму нема слух да го смени Законот за облигација, и да го вметне нивниот предлог за замрзнување на каматата кога таа ќе стигне до висина на основниот долг.

Најавувајќи го ова решение, премиерот Зоран Заев посочи дека има многу јавни претпријатија, државни и општински, коишто не може да ги наплатат и редовните сметки, заради тоа што ги книжат граѓаните како должници, а граѓаните не може и стари и нови сметки да плаќаат. Оттука намерата е да ги избришеме сите камати за долговите коишто се за физички лица, за граѓаните кои допираат до државните и општинските институции – рече лани Заев.

Државата барем на хартија во неколку наврати носеше мерки со кои ќе им олесни на должниците. За потсетување, Владата предложи и закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица, и за измени и дополнувања на Законот за извршување, со кои за сите предмети дадени за извршување до крајот на 2017 година, се предлагаше отпишување на сите камати на граѓаните должници кон јавни и државни претпријатија, или државни органи и установи. На сите приватните доверители им беше предложено доброволно да ги избришат каматите на долговите на граѓаните. Со законските измени беше предвидено и репрограмирање на долгот, односно плаќањето на главниот долг да биде на рати. Колку е поголем долгот – толку ќе се зголемува рокот на отплата, односно ќе се исплаќа на повеќе рати.
Со предлог-законот во 2018 година се предвидуваше да се отпишат камати за долгови направени до јуни 2011 година, бидејќи тогаш од судовите кај нотарите и извршителите завршија околу 200 илјади предмети. До ова дојде кога стапи во сила трансферот на извршната функција од редовните судови на овластените извршители.

Лани во екот на пандемијата Владата го запре Законот за извршување во период од неколку месеци. Олеснување понудија и банките за одложување на кредитите за 3 до 6 месеци.

Бајрами: Отписот на каматите може да се смета за поткуп

 

Членот на Антикорупциската комисија, Нури Бајрами вели дека мерката на Владата за отпис на каматите на долгови е проблем и може да се смета за поткуп. Тој во гостувањето на ТВ 24, рече дека ваквата пракса секогаш се повторува пред избори.

– Дури и тоа да не е намерата на Владата, објективно, не е во ред, бидејќи добро треба да се поткрепи кои категории се опфатени со неа и зошто. На јавноста мора да и е јасно што се постигнува со тоа. И затоа пред секои избори се повторуваат ваквите работи што според мене, едноставно, значи поткуп. Ништо друго – рече Бајрами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот