Октомвриски филмски салон во Кинотеката

Креативната екипа на Кинотеката има замисла октомвриската програма да ја реализира како филмски салон, а во период кога температурите надвор почнуваат да се спуштаат нивната киносала да стане место за релаксација, контемплација и социјализација.

Филмската програма во Кинотеката во првиот дел од октомври e дел од два фестивала: филмскиот фестивал за млади „Џифони – Македонија“ и Интернационалниот фестивал на дебитантски филмски остварувања „Киненова“. Веднаш по нив, и тоа во повеќе термини, публиката ќе има прилика да го проследи насловот „По тамбурите“ (2021) на хрватскиот автор Станислав Томиќ.

Од 15 до 18 октомври, во термините од 20 часот, на кинотечната програма се Денови на германски филм. Ревијата на современи наслови од германската кинематографија започнува со филмот „Човек по твоја мерка“ (2021) на режисерката Марија Шредер, а потоа следуваат „Рабије Курназ против Џорџ Буш Помладиот (2022) на еден од најпроминентните автори на денешнината Андреас Дрезен, „АЕИОУ: Кратка азбука на љубовта“ (2021) на Николет Кребиц и „Копилот“ (2021) на Анe Зора Берачед.

„Брод со бисери“ е македонски документарен филм на режисерот Александар Зиков и сценаристката и главниот лик во оваа авантуристичка докудрама Регина Икономовска. На програмата во октомври ќе има уште еден документарец од македонска продукција: „Трн“ (2022) на авторите Столе Ангелов и Никола Пијанманов, филм посветен на актерот, активист и борец за граѓански права Стојан Велков – Трн.

На 20 октомври Кинотеката ќе го одбележи јубилејот 15 години од снимањето на „Превртено“ (2007), игран филм во режија на Игор Иванов – Изи, работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, кој е и косценарист.

– Ќе имате можност да проверите дали уште е актуелна приказната за Јан Лудвик, кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество, родена во комунизмот, но сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации во кои не може да се реализира себеси – посочува филмологот Стојан Синадинов.

На кинотечната програма веќе стана пракса да се прикажуваат и филмови на старите, добри и „докажани“ 35-милиметарски ленти од архивот на Кинотеката. Во октомври ќе се заврти лентата на култниот наслов од почетокот на деведесеттите години – „Аризона дрим“ (1995) на Емир Кустурица, со Џони Деп, Џери Луис, Феј Данавеј, Лили Тејлор, Полина Пoришкова, Винсент Гало.

Исто така, во октомври, ќе може да се проследи и норвешкиот кино-хит „Најлошата личност на светот“ (2021) на режисерот Јоаким Трир, чиј директор на фотографија, Каспер Туксен, ја доби „Сребрената камера 300“ на 42-иот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола за 2021 година. (Т.Д.)

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 30 септември 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот