Октомври сè поблиску, датумот сè подалеку!?

По сè изгледа дека доделувањето датум на Македонија за преговори со ЕУ во октомври годинава сè уште не е цврсто бетонирана одлука, па големи се шансите земјава и тогаш, исто како во јуни, да не добие ништо друго освен ново презакажување и нов термин за почеток на преговорите. Ваквиот загрижувачки развој на настаните уследи по пораките што ги упати францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние, кој на индиректен начин најави дека земјава нема да добие датум за преговори ниту во октомври.

– Што сте запнале толку со тој датум? Па имате толку многу проблеми. Во Струга градоначалникот се однесува скандалозно, УНЕСКО ќе ви го одземе статусот на Охридско Езеро, имате толку многу корупција, се менуваат директори на училишта на дилетантски начин. Блесаво е да барате датум за преговори во овој период, бидејќи имате безброј проблеми. Ќе треба уште многу да работите за да бидете подготвени за добивање датум. Чудна ми е таа ваша опседнатост со датумот. Ние не треба да ве оставиме изолирани без пат кон ЕУ, но не треба ниту да ви прогледуваме низ прсти – изјави Тимоние.

На новинарско прашање како Македонија не е подготвена за датум, а Србија и Црна Гора преговараат, амбасадорот отсечно одговори дека глупирање повеќе нема да има.

– Ние еднаш се изглупиравме, но по вторпат нема да се изглупираме. Тезите дека ќе почнеме преговори, а потоа ќе се реформираме додека преговараме, веќе не држат вода. Нема да се случи тоа, треба да разберете, имате многу проблеми и не треба да се правиме слепи пред нив – порача Тимоние.

Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, вели дека доколку и сега не добиеме покана за преговори, тогаш во иднина повеќе нема да може да зборуваме за државата како за дел од европското семејство.

– Ако не ги почнеме пристапните преговори оваа година, тоа за мене значи дека не постои европска перспектива по сето она што го постигнавме за две години. Големото прашање за Европа е што да правиме со овој регион и дали да испорача кога земјите ќе испорачаат. Овој процес не е едносмерна улица и сметам дека не ни се потребни скратени патишта, но кога земјите ќе испорачаат, Европа мора да испорача исто така, бидејќи во спротивно, нема да имаме процес – изјави Димитров.

Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, тврди дека е подготвена да даде сè од себе за Македонија во октомври да добие датум за преговори со ЕУ, но не дава гаранции дека тоа навистина ќе се случи. Несомнено најмоќната политичарка во Европа, одговарајќи на новинарско прашање објасни дека самата не е моќна сигурно да издејствува позитивна одлука, во услови кога повеќе земји, на чело со Франција, покажуваат отворен песимизам во врска со ова прашање.

– За она што зависи од мене, јас ќе се залагам за позитивна одлука во октомври, затоа што Северна Македонија навистина постигнато многу со Преспанскиот договор. Дискутиравме за тоа вчера, како и во последните недели, но сепак нашата обврска останува, односно јас ќе се залагам за тоа со сите сили – рече Меркел.

Арсовски: Датумот зависи од политичката волја во ЕУ

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека точно е дека Македонија не ги спроведе сите реформи, но исто така посочува дека ниту една друга држава која почнала преговори со ЕУ не ги исполнила сите критериуми.

– Сите земји кои ги почнале преговорите со ЕУ биле помалку спремни од Македонија во моментов. Ако ние не ги почнеме преговорите во октомври, тоа нема да биде поради нашата неподготвеност, туку поради недостиг на политичка волја во ЕУ. Ние секако дека треба да продолжиме со реформите, но дури и да не се случи да го добиеме датумот оваа есен, тогаш ќе имаме некаков песимизам, ама тој нема да биде на ниво на тој од 2009 година – објаснува Арсовски.

Европратениците се оптимисти

Дека земјава ќе го добие датумот за почеток на преговори во октомври уверуваат и европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн.

– Наскоро вашата земја ќе стане членка на НАТО. Ова е неверојатно важен чекор за сите нас. Одлуките што лидерите на Македонија ги донесоа прифаќајќи ги понекогаш болните услови од Преспанскиот договор добија огромна доза на почит и восхит за вашата земја надвор од неа – рече Вајгл.

Европратеникот Флекенштајн ја повтори заложбата на канцеларката Ангела Меркел дека ќе се вложи со сета своја политичка тежина за земјава да го добие датумот за почеток на пристапните преговори во септември или во октомври.

– Навистина сум убеден дека датумот за почеток на преговорите ќе биде објавен во септември или во октомври годинава. Ова го тврдам со сигурност – рече Фелекенштајн.

И европратеникот Кукан ги прокоментира заклучоците на јунскиот Совет на ЕУ упатувајќи порака дека времето лета и дека земјата треба да продолжи со реформите.

– Македонија со сигурност ќе го добие датумот за почеток на преговори, бидејќи таа го заслужува тоа – порача Кукан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот