Октомври е месец на филмскиот фестивал „КинеНова“

Новото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“, под слоганот „Првиот остава трага“, ќе се одржи од 7 до 14 октомври.

Со проекции во „Милениум“ и во кинотечното кино, организаторите по седми пат на домашната публика ќе ѝ ги „подарат“ актуелните први и втори остварувања на новите режисерски имиња во седмата уметност, кои гледаат на светот со отворени и љубопитни очи, поставувајќи многубројни прашања во своите филмови кои се релевантни и на овие простори.

Во киното „Милениум“ на 7 октомври, во 20 часот, фестивалот ќе биде отворен со хрватскиот филм „Чичко“ на режисерскиот двоец Давид Капац и Андрија Мардешиќ, со Мики Манојловиќ и Горан Богдан во главните ролји. Ова е еден од осумте филма што се дел од официјалната компетиција за фестивалските награди, која содржи и филмови од Романија, Полска, Србија, Италија, Турција и од Косово.

– Секоја година се снимаат сѐ поквалитетни деби остварувања, и како селектор се соочувам со „слатки маки“ кои филмови да влезат во конкуренција за фестивалските награди – вели програмскиот селектор Игор Анѓелков, кој на домашните филмофили им препорачува „и оваа година да не ја пропуштат КинеНова, затоа што овој фестивал нуди возбудливи програмски содржини низ фокусиран концепт, кој е единствен од ваков вид кај нас“.

За годинашните лауреати во официјалната, но и во селекцијата за краткометражни остварувања, ќе одлучува интернационалното жири во состав Аида Бегиќ (БиХ), Паво Маринковиќ (Хрватска), Елеонора Венинова (С Македонија), Симоне Стараче (Италија) и претседателката на жирито Илдико Енједи, наградуваната унгарска режисерка, која воедно е добитник на Наградата за особен придонес во светската филмска уметност. Таа ќе одржи и мастерклас за публиката, споделувајќи ги своите филмски искуства за снимањето на победникот на Берлинале во 2017 година, филмот „За душата и телото“, потоа финалист и за Оскарот.

Од другите фестивалски содржини вредни за споменување се „Режисерот во фокус“ на австрискиот маг Михаел Ханеке, чии први три филма го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула“, кој ќе ја претстави тамошната актуелна кинематографија.

Седмото издание на „КинеНова“ нуди квалитетни филмски содржини, со што од година во година ја потврдува својата зацртана цел – соодветно претставување на новите филмски сили, кои се светлата иднина на седмата уметност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Видео на денот