Околу 380 згради ќе останат без парно доколку навреме не се отстранат дефектите

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Иако ноќните температури на воздухот деновиве се спуштија под 12 степени, скопјани што се греат на парно ќе треба да почекаат уште најмалку една недела, затоа што грејната сезона најрано може да започне на 1 октомври и тоа под услов да продолжат студените ноќи. Дотогаш БЕГ ги прави редовните проверки на потстаниците и на нивната функционалност со цел, како што велат, да се обезбеди сигурна и квалитетна испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи по почетокот на грејната сезона.

Редовната грејна сезона, без оглед на надворешните температури, започнува на 15 октомври и ќе трае до 15 април. Но, за сите граѓани приклучени на централно греење навреме да добијат затоплување на домовите, потребно е да ги завршат интервенциите на внатрешната грејна инсталација, да овозможат пристап на екипите на компанијата до топлинската станица и да обезбедат довод на електрична енергија во потстаницата, со цел испораката на топлинска енергија во објектите кои се приклучени на системот за централно греење да се одвива непречено по почетокот на грејната сезона.

Според евиденцијата на БЕГ, моментално има неколку стотици објекти каде доколку навреме не се интервенира, нема да има греење. Во домовите, одржувањето на внатрешната грејна инсталација е обврска на сопствениците и на заедницата на станари.

– Во моментов во околу 378 колективни станбени објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Снабдување со топлина „Балкан енерџи“ веќе испрати писма до сите потрошувачи, заедници на станари, односно до компаниите кои управуваат со станбените единици за нивните обврски во однос на непречениот почеток на грејната сезона – информираат од БЕГ.

По завршувањето на интервенциите на внатрешната инсталација, потрошувачите треба да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на БЕГ и да известат дека дефектот е отстранет. На веб-страницата на компанијата има информација кои објекти се затворени и зошто не може да се испорача топлинска енергија.

– Истовремено заедниците на сопственици или управителите на објектите потребно е да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) – велат од компанијата.

За сите неопходни информации или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 023076200 и 075400100.

На веб-страницата на Снабдување со топлина „Балкан енерџи“, како што информираат од БЕГ,  редовно има информација кои објекти се затворени и зошто не може да се испорача топлинска енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот