ОЈО суптилно ги сака „бомбите“ на СЈО за да царува со нив

Проблемите околу иднината на Специјалното јавно обвинителство и неговите „бомби“ од денеска се зголемија, откако ноќеска пропадна политичкиот обид на власта и опозицијата да најдат решение за законот за Јавно обвинителство, но и за иднината на СЈО и неговите предмети.

Со тоа барем на одредено време пропадна и надежта која преовладуваше кај судиите од скопскиот Кривичен суд дека наскорo, после 16-ти овој месец, како што им велеа на обвинителите, обвинетите и нивните адвокати, ќе заврши правната агонија за предметите на СЈО и ќе продолжат тековно да се одвиваат.

Судиите чекаат и што ќе се одлучи и за писмото на притворената шефица на СЈО, Катица Јанева осомничена за аферата „Рекет“, која писмено го овласти Јавното обвинителство, односно неговиот шеф Љубомир Јовевски да ги преземе сите досегашни предмети на СЈО кои се во судска постапка, во истражна или предистражна постапка и да ги стави под своја надлежност.

Никој не знае точно зошто тоа го стори Јанева, но најискористената опција е дека таа тоа го сторила за да го „претекне“ времето, односно 15 септември, кога истекува нејзиниот мандат, па со одлуката за преземање, се обидела да ги заштити своие потчинети и предметите. Според законот за СЈО, по завршувањето на мандатот, обвинителите мора да се вратат во обвинителствата од каде што дошле. Тоа значи во старите редови на Јавното обвинителство. Официјално, Јовески денеска побара од ОЈО да му бидат предадени сите предмети.

Што ќе се случи со вработените во СЈО?

Додека беше на чело на СЈО, Јанева имаше 12 помошници обвинители, но и 23 истражители, вработени во правосудната полиција, МВР и Финансовата полиција кои им помагаа на истражителските тимови и обвинителите од СЈО за собирање на материјални докази и искази од осомничените или подоцна обвинетите од нивна страна.

Во оваа бројка не е вброен целиот тим на СЈО, во кој сè уште се вработени лица од различни работни профили, пред сè техничкиот персонал, чија што работна судбина и егзистенција е доведена под прашање ако политичарите не најдат решение, а ОЈО не ги земе во свои редови.

Она што е сигурно, велат од СЈО за „Слободен печат“ е постоењето на расположеност кај нивните колеги и кај Јавниот обвинител 12 помошници на Јанева да се вратат во „старото јато“. Но, нагласуваат дека нема први да го потегнат тоа прашање. Она што повеќе ги загрижува е судбината на предметите и што ќе биде со највредниот сеф во Македонија, тој на СЈО, каде се чуваат сите „бомби“.

Во неформални разговори со надлежните од ОЈО им било речено дека постоела голема веројатност по однос на актуелните предмети кои се водат во скопска единица и понатаму да останат истите обвинители и со тек на времето да добијат помошник од ОЈО кој ќе ги заменува ако во одредена ситуација не се во можност да го застапуваат обвинението пред надлежниот суд.

Во писмото на СЈО за јавноста тие искажуваат неколку точки на загриженост за иднината на ова обвинителство. Имено, во дописот се вели:

„Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството“, пишува во соопштението на СЈО.

Обвинителите загрижени за иднината на „бомбите“

Обвинителите како што велат за „Слободен печат“ пред сè најмногу ги плаши иднината на „бомбите“. Велат дека никој до денес не се изјаснил што ќе биде со нив. Дали и каде ќе се чуваат ако ОЈО им ги преземе доказите.

– „Скапоценоста“ на предметите на СЈО не се само снимките, туку и доказите. Но, снимките се тие од кој започнува еден предмет и служат како доказ. Најважно од сè ни е каде и на кому ќе му бидат дадени на чување. Дали ќе бидат преземени од ОЈО и лицата кои имаат пристап до сефот или не. Страв ни е да не завршат како материјал кој ќе се уништи или да се случи да „исчезнат“. ОЈО има простор за чување на сефот со снимките. Но, не плаши дали уште не знаат што ќе биде со нив па не кажуваат или само не кажуваат – велат од СЈО за „Слободен печат“.

Единствена предност со старателството кое СЈО ќе го добие од ОЈО е продолжување на предметот „Империја“ бидејќи за редовното обвинителство не важи правно мислење на Врховниот суд, кој го прогласи СЈО за ненадлежно да отвора истраги по 30 јуни 2017 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот