ОЈО Скопје: Поднесено обвинение против Силвана Бонева за случајот со патни трошоци

Основното Јавно Обвинителство Скопје соопшти дека е поднесен обвинителен акт против поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, во врска со фискалните сметки што ги приложувала за надомест на патни трошоци. Станува збор за периодот од 1 јануари во 2011 година до 16 декември во 2015 година, кога Бонева беше пратеник во Собранието.

Според Обвинителството, таа со намера да прибави противправна имотна корист за себе, сторила повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос.

– Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари“ стои во соопштението на ОЈО Скопје.

Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување во главниот град и не патувала на релација Струмица – Скопје и обратно за присуство на секоја седница на Собранието, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.​​

Истражната постапка за случајот познат како „Друмарина“ ја водеше Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ова е втора истрага за која се поднесува обвинение за предметите што ги започна СЈО, а ги презедоа редовните обвинителства. Обвинителството претходно поднесе обвинение и за случајот „Моќник“ во кој меѓу осомничените се пратеникот Антонијо Милошоски, неговиот татко, ексградоначалникот на Македонски Брод и членови на Лустрациската комисија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот