Охриѓани без традиционалната рибна чорба и масовното капење за Денот на рибарите

Охрид/Фото: МИА

Без староградска музика, греано вино, топла ракија и пача минува годинешниот празник Собор на Свети Јован Крстител во Охрид. Целата манифестација на Денот на рибарите во Охрид е откажана поради познатата ситуација наметната од епидемијата. Оваа година сите активности врзани за прославувањето на Богојавленските празници во Охрид минуваат под строги протоколи и без организирани собири.

Годинава ја нема и веќе воспоставената традиција на варење рибна чорба во голем казан, кога се делеа и до пет илјади порции на тој охридски специјалитет.

И по неколку илјадници гости, заедно со охриѓани на овој празник се собираа на Сараиште и на Градското пристаниште, на одбележувањето на Денот на рибарите кога по традиција тие влегуваа во езерото и со капење го одбележуваа завршувањето на забраната за излов на риба после зимскиот мрест.

Денот на рибарите во Охрид е една од најкарактеристичните манифестации што се одржуваат на Богојавленските празници, како датуми од календарот што привлекуваат поголем број гости во градот надвор од главната туристичка сезона.

Славењето на празникот посветен на Свети Јован Крстител или Денот на рибарите е потсетување на традицијата на капење на рибарите на денот кога се означувал крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на сезоната на риболов. Во поново време на овој ден се одбележуваше почетокот на изловот на пастрмката за нејзино измолзување и вештачки мрест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот