„Охридско лето“ го отвоти Народниот театарот од Велес со претставата „Сестрите Прозорови“ (ФОТО)

Драмската програма на 60-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворена вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Сестрите Прозорови“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес. 

Коавтори на овој проект се в.д директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски и актерот Васил Зафирчев кој исто така е дел од овој ансамбл.


Според писателот и доктор по драмски уметности, Сашо Димоски, процесот на создавање на претставата „Сестрите Прозорови“ бил мошне напорен, бидејќи како што појаснува, освен документаристика и авторски текстови, голем дел од материјалите произлегле директно и од самите актери.


-Чехов е секогаш провокативен. Драмската класика секогаш има што да каже и комуницира со секој контекст. Целта беше да видиме како ќе комуницира со овој контекст сега, со нашата публика и со нас како уметници, но и што ние имаме да кажеме преку Чехов. За таа цел, користевме различни материјали во обликувањето на текстот на изведбата за да добиеме еден мошне комплексен, меѓутоа многу густ, набиен текст којшто во еден поинаков режисерски прочит и во една поинаква актерска игра ќе создаде нешто што клони кон драмските одлики на театарот. Самата постапка на автотематизација и авторефенцијалност која се користи во постдрамските  театарски форми, на крајот создаде производ со кој навистина сум задоволен, вели Димоски.

За актерот и коавтор на проектот, Васил Зафирчев, изведбата на претставата токму на сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ е посебна зашто како што вели тој, потсилува одредени контексти во неа, особено оние коишто се однесуваат на прашањето на Бог.


-Ова е една реминисцентна изведба на претставата во еден многу специфичен, автентичен простор. Самата црква „Света Софија“ со целата нејзина историја, особено со преминот од црква во џамија и потоа повторно во црква, со самото тоа што е споменик на културата и објект заштитен со закон, таа потсили одредени контексти од нашата претстава особено оние кои се однесуваат на прашањето на Бог, или што ќе рече самиот Чехов, дали она што денес ни се случува е всушност последица на тоа наше одвојување и оттргнување од потрагата на Бог во себеси, смета Зафирчев.

Во драматуршкиот и режискиот концепт на претставата „Сестрите Прозорови“ е вметнат уште еден лик, ликот на докторот или психијатарот којшто на некој начин ги лекува четворицата протагонисти избегани од драмата на Чехов и сместени во денешна лудница.


-Ние се занимаваме со феноменот на бегството  односно што е она што денес во современиот свет на изгубени идеали, на едно општо лудило кое нѐ опкружува и нѐ тера да бегаме во некое внатрешно, индивидуално, сопствено лудило, додава Зафирчев.

Публиката на „Охридско лето“ во предворјето на „Света Софија“ уживаше во маестралната изведба на актерите Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски.


Со театарската претстава „Сестрите Прозорови“ вчеравечер беше промовирана и шестата книга на Сашо Димоски „8/4“ во издание на издавачката куќа „Култура“. 

И втората вечер од годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“ се одржа согласно протоколите за здравствена заштита наметнати од пандемијата на корона вирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот