Охридскиот маратон се враќа, светската елита на стартот

/Фото: Национална пливачка федерација

По пауза од една година поради коронавирусот, познатиот маратон ќе се одржи в сабота на патеката „Климе Савин“ со старт во 11 часот. Меѓу светската елита маратонци е и македонскиот адут Евгениј Поп Ацев.

Традиционалниот Охридски пливачки маратон, кој е во серијата ултрамаратони на ФИНА, ќе се одржи в сабота со старт во 11 часот на традиционалното место, Свети Наум. Целта е на Охридското пристаниште, а се плива познатата патека „Климе Савин“ во должина од 25 километри.

По пауза од една година поради кризата со коронавирусот, овој голем спортски настан се враќа и на него ќе учествува елитата на светското пливање на отворени води меѓу кои е и домашниот адут Евгениј Поп Ацев.

Оваа година Охридскиот маратон е прв во Светската серија ултрамаратони на ФИНА 2021, затоа што претходните трки беа откажани, главно поради кризата со коронавирусот.

Според интеренет страницата на Светската пливачка организација ФИНА на овој маратон ќе учествуваат неколку големи имиња. На списокот е Марк-Антоан Оливје од Франција, светски шампион на пет километри од 2017 година, бронзен медалист на ЛОИ Рио де Жанеиро 2016 година. Тој е и победник трката од Светската серија на 10 километри во Доха 2021 година како и шести на ЛОИ Токио 2020.

Се плива познатата патека „Климе Савин“ во должина од 25 километри/Фото: Национална пливачка федерација

Уште еден Французин е меѓу фаворитите: Аксел Рејмонд, вкупен победник во Светската серија ултрамаратони во 2019 година. Меѓу фаворитите е и Евгениј Поп Ацев, повеќекратен светски првак во маратонско пливање и првиот Македонец што триумфира на Охридскиот маратон (2015).

– Конкуренцијата годинава е навистина силна, но тоа е така секогаш на Охрискиот маратон. Очекувам интересна и неизвесна трка. Јас сум добро подготвен и мојата амбиција е да освојам медал. Мислам дека има реални шанси да го сторам тоа – ни изјави Поп Ацев.

Во женска конкуренција меѓу фаворитките е Французинката Осеан Касињол, вицепрвенка на трката во Доха на 10 километри и Аргентинката Пилар Хеихо. Вкупно има десетмина пливачи и осум пливачки на стартната листа. Од Македонија ќе учествуваат и Александар Илиевски и Леонид Мишевски. Земји учеснички се Аргентина, Италија, Македонија, Франција, Холандија, Германија и САД. Наградниот фонд е 10.000 долари.

Охридскиот маратон е прв во Светската серија ултрамаратони на ФИНА 2021/Фото: Национална пливачка федерација

По овој маратон, во серијата ултрамаратони следува Капри-Наполи на 5 септември, а последен веројатно ќе биде Розарио, трка во Аргентина што треба да се одржи во ноември. Серијата ултрамаратони се трки од 25 километри или повеќе.

Во Охрид веќе следната сабота (28 август) се одржува и трка од серијата маратони на 10 километри на ФИНА. Инаку, последни победници на Охридскиот маратон во 2019 година беа Аксел Рејмонд од Франција и Аличе Франко од Италија. Охридскиот маратон, од неговото обновување во 1992 година, се одржуваше секоја година до 2020 година кога беше откажан поради кризата со коронавирусот.

Годинава организатор на Охридскиот маратон е Пливачката федерација на Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот