Охридскиот договор: заедничка прослава во длабоко поделено општество

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

И натаму мижиме покрај фактите на животот мислејќи дека некако ќе исчезнат без да се соочиме со нив и без да земеме одговорност за промените во политичкиот систем на заедничката држава.

На почетокот од август секоја година, прославата на меѓународниот договор од 13 август што ја спаси државата од тотална граѓанска војна и распад, почнува со комеморации за изгубените животи на македонските бранители. Кои беа причините за оваа војна? Не е важно. Важно е раните од етничкиот конфликт да се држат отворени и по дваесет години.

На роднините на жртвите, збунети со повоената политичка реалност, нема кој да им објасни што се случи и зошто некогашните непријатели на бојното поле седат во заедничка влада. А тие упорно се прашуваат за што тогаш загинале нивните деца?

Можело ли да се избегне војната? Кога во 2001-ва го напишав политичкиот есеј „Причините за една војна“, папсаната македонска интелигенција, по навика, немаше доволно енергија да се зафати со темата, па игнорираше се што беше спротивно на нејзините теории на заговор. Политичарите, пак, не можеа да смогнат сила и да кажат дека никогаш не го отворија храбро процесот на интеграција на албанското население во македонското општество туку поставуваа пречки во првата декада од независноста. Мир со Албанците? Инстинктивно го знаеја она што во деветнаесеттиот век го има напишано Џереми Бентам, англиски политички мислител. Дека во историјата на неговата земја нема пример некој владетел да бил повикан на одговорност затоа што предизвикал војна, но ги има мнозина што одговарале за склучен мир.

Не, нема бесконфликтни општества. Конфликтот е карактеристичен за сите општества но она што некои ги прави длабоко поделени е неговиот интензитет. Во општества со висок интензитет на конфликтност поделбите помеѓу групи врз база на етницитет, религија или политика создаваат и високо ниво на насилство, додека во други не. Конфликтот е главно околу природата на државата кога дел од популацијата го оспорува легитимитетот на државната власт.

Наспроти примерите на Кипар, Израел и Палестина или Босна и Херцеговина, Косово и Македонија, поделени општества на групи со силен идентитет како Канада и Белгија не манифестираат ни приближно така висок интензитет на насилство. Иако припаѓа во првата група земји со потенцијал за насилство, со Охридскиот договор Македонија е поставена на колосек кој нуди шанси некогаш да станеме дел од втората. Но, ако се тие пример за нас, тогаш треба да знаеме дека стабилноста на нашиот политички систем, како впрочем и на нивните, е во перманентното прилагодување.

Политичкиот претставник на албанската заедница го знае тоа кога вели некни дека Охридскиот договор има почеток но нема крај. Политичките претставници на македонската мнозинска заедница, пак, се спремни повторно да ги извртат работите само за да не се соочат и да ја објаснат новата реалност. Организаторите на годинешнава прослава се свесни за нивните маки па им притекнуваат напомош. На официјалниот плакат со кој се обележува 20 години од Охридскиот договор пишува на Англиски „Beyond the Ohrid Framework Agreement“ што на македонски би било „Потака од Охридскиот рамковен договор“, а не „По Охридскиот рамковен договор“ како што е преведено.

Навистина, какви се овие итрини? И натаму мижиме покрај фактите на животот мислејќи дека некако ќе исчезнат без да се соочиме со нив и без да земеме одговорност за промените во политичкиот систем на заедничката држава. Некни со помпа беаше предаден единствениот, од четирите оригинални примероци на Охридскиот договор на Архивот на Северна Македонија од страна на албанскиот претставник во владата. Мислите дека е случајност што ги нема останатите три: од кабинетот на претседателот, од кабинетот на премиерот и од партијата ВМРО-ДМПНЕ? Многу веројатно ги искинале и ги фрлиле. Не можам да смислам друго објаснување. Јас, пак, уште чекам реакција од мојата интелектуална заедница на текстот напишан пред дваесет години „Причините за една војна“. Не го прочитале? Го искинале? Кој знае? Но се додека не се важни причините, секој со својата приказна ќе жали и ќе се радува на почетокот од август секоја година, а конфликтот од бојното поле ќе го пренесеме во институциите. Се разбира, тоа не е патот кон помирување. Всушност, кога убаво ќе размислам, на плакатот за прославата треба да стои „Потака од Охридскиот договор“. Потака кон што? Кон она што не обединува. Што не обединува? Пожарникарите на пример. Инаку, ќе изгориме сите заедно во шумски пожари кои не сме способни самите да ги изгаснеме.

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот