Охрабри се Мицкоски 

Фото: Ерол Шаќири

Бранувањата во јавноста по последните случувања, случајот „Рекет“ и оставката на Катица Јанева ги надминаа сите мои очекувања, требаше да траат максимум 3 дена, а еве тлеат и понатаму, што дава до заклучок дека полека полека се ослободуваме од она „секое чудо за три дена“. Шегата на страна, и покрај сите недостатоци на нашиот систем, сепак правдата еднаква за сите и борбата против корупција се препознаваат од сите како фундамент на општеството, како приоритет број еден, нешто за што нема компромис.

Без да навлегуваме во антропологија и дефинирање на човековата природа, за тоа дали е човекот добар или лош, дали човекот се раѓа добар/лош или таков станува, едно можеме со сигурност да констатираме, а тоа е дека човечката природа во еден смисол е подложна на корупција. Разликата е во тоа што не секој ќе биде во прилика во својот живот да се соочи со корупција, барем не со високата корупција. Да се надоврзам со онаа народната „дај му на човекот моќ/власт и ќе го видиш каков е“ која посебно за нашево поднебје се покажа како целосно вистинита. Невозможно е да се контролираат постапките на сите поединци, дали припадници на некоја од властите, дали припадници на моќни медиуми, бизнисмени, доктори, разни институции, но возможно е да се создаде систем каде секој кој ќе се огреши пред законот ќе одговара соодветно.

Многумина напишаа на темава, јас само се надоврзувам, не треба да градиме култ кон личности, па после да бидеме разочарани, се изначитавме деновиве различни патетики околу тоа колку некој бил разочаран, изигран, насамарен, навреден, уништен, уште само самоубиство што не се случи заради специјалната обвинителка, а вина се уште не е докажана. Ако навистина толку не погаѓаа (не)делата на одредени носители на функции во државава, до сега требаше пола да се убиеме. Треба секогаш да создадеме култ кон институцијата и да се изгради систем во кој институцијата ќе биде поважна од поединецот кој раководи со неа. А ако тој поединец некогаш се огреши или пак се обиде да се огреши ќе одговара. Идеален човек не постои, сите грешат, само грешките на некои ги плаќаат сите, тоа е разликата. Дали СЈО ќе постои, дали ќе се спои со ЈО, воопшто небитно, се додека се изгради добар систем. Тој секако не може да биде целосно отпорен на злоупотреба, на корупција, но неговата судбина не смее да влијае од делата на поединци. Впрочем има огромна разлика меѓу корумпирана личност и корумпирана институција. Кога тоа ќе се среди, дали ќе биде Катица, Вилма, Петко или Станко ама баш сеедно. Навистина сеедно е кога ќе создадете механизми за заштита посебно на оваа институција од надворешни и внатрешни влијанија, кои може да бидат обид за корупција, но може да бидат и директни закани кон поединците кои раководат или закани кон нивните семејства. А кога ќе имате силна држава и институции, за закана ќе нема простор, затоа што ќе биде екпресно пријавена, откриена и санкционирана. Корупцијата пак ќе се намали или исчезне тек тогаш кога ќе се санкционираат сите откриени криминали, буквално сите, а процесуирањето на тие криминали нема да биде обструирано од никого. Моменталната перцепција е дека високата корупција останува несанкционирана дури и откако ќе се открие и сето тоа создава слика на неказнивост на одредена класа на луѓе во државата, создава чувство на неправда или на селективна правда. Таа континуирана неказнивост пак, особено на моќниците ги охрабрува сите идни потенцијални злоупотребувачи на позициите мислејќи/знаејќи дека и да бидат откриени нема да сносат последици. Криминалците во принцип свесно го кршат законот надевајќи се дека нема да бидат фатени, нашите криминалци знаат дека и да бидат фатени нема да бидат санкционирани.

Ние се соочуваме со еден обратен „процес“ опишан во истоименото дело на Кафка, како карактеристика на поранешните комунистички системи, каде луѓето беа прогонувани, судени и осудувани без да знаат и за што се обвинети, овде сите знаат зошто се некои обвинети, а никој не знае зошто не се осудени. 

Така да сеедно дали ќе го убиете СЈО, можеби тоа беше и вистинската цел, позадината на овие скандали, но немојте да ја убиете ИДЕЈАТА за СЈО, институционално, поинаку не може да ја убиете и да сакате, таа ќе си остане како стремеж, водилка за борба кон подобра иднина која никогаш нема да запре. Незадоволството е повторно родено, а како вели Меша во „Дервиш и Смрт“, тоа е како звер, немоќно кога ќе се роди, но страшно кога ќе зајакне. Не дозволувајте да зајакне!  

Не сум љубител на теорииите на заговор, но едно за мене е симптоматично. Зашто ова мораше да излезе во јавноста преку новинар на кого му се дадени сите детаљи и претставени во форма на фикција, а не од официјалните институции кои се занимаваат со случајот, а како дознавме се занимаваат уште од април годинава. Патем тој новинар сега се замислува како да е Карл Бернстејн или Боб Вудворд. Дали навистина поради политички игри намерата беше/е да се уништи СЈО преку ваква една дискредитација во јавноста која нагло создаде одбојност кон СЈО, или пак е чисто индивидуален потез во обид да се добијат симпатии од истата таа јавност и можеби олеснителни околности во судските процеси кои се водат, не знам, а се надевам на второто.    

Премиерот Зоран Заев брзо го препозна ова, можеби сега повеќе од било кога. Јавно кажа дека секој кој се огрешил пред законот, без разлика која функција ја обавува и на која партија припаѓа, кривично ќе одговара. Повика на заедничка бескрупулозна борба против корупцијата, сега и веднаш. Ми се чини исфрустриран како никогаш досега, повика на обединување околу оваа борба. Веднаш повика на итна лидерска средба и најави нов закон за Обвинителство. Лидерот на опозицијата Мицкоски, тој истиот кој со години го обструираше законот за СЈО затоа што пола раководство на партијата му е под истрага, екпресно возврати дека нема да учествува, сакал предвремени избори. Не ја прифати ни средбата на покана на претседателот Пендаровски.

Ќе собере ли Мицкоски храброст и ќе излезе ли од матрицата на „балкански“ политичар ќе видиме утре, за кога е најавен новиот предлог-закон пред пратениците. Сега, повеќе од било кога е потребен политички консензус за еднаш засекогаш да се справиме со канцерот кој метастазира веќе 30 години наречен македонско судство. Дали ќе продолжи да бара изговори од типот Вилма не може на чело, никој предлог на власта не е прифатлив, дајте го Зврле и таканатаму или ќе застане на страна на општото добро и седне да разговара, договара и гласа еден безкурпулозен закон, макар тој да претставува и гонење на неговите сопартијци, макар тој да претставува конфискација на имотот на партијата? Дали конечно ќе излезе јавно и каже дека доколку некој од членовите на партијата се огрешил ќе одговара, доколку се докаже дека имотот на партијата е стекнат противзаконски, нека биде одземен? Дали конечно ќе признае дека процесите на СЈО не се политички прогон, туку се гонење на тешки криминали, нешто што требаше одамна да го стори? Го бојкотираше референдумот, го бојкотираше Преспанскиот договор, бојкотираше се и сешто, е доста е од бојкот, сега е време за храбри политички одлуки. Обструирањето само ќе ја докаже тезата дека ДПМНЕ како партија со ова раководство делува на штета на државата и нејзините граѓани. И не, не е време за изјави од типот на „кога ќе дојдеме ние на власт судството ќе го средиме“, не Мицкоски, 11 години бевте на власт, сега е време за делување. Верувам дека решение ќе се најде со или без Мицкоски, кога тогаш, од него пак зависи дали ќе биде конечно дел од решението или повторно ќе биде дел од проблемот. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот