Охисовци повторно на протест пред Влада

фото: Слободен печат

Поранешните работници на Охис денска по којзнае кој пат повторно протестираа пред Влада.

Тие како и многупати досега ги бараат заостанатите плати, некои 24, некои 12, некои 8 плати, а тие со години им ги должи државата.

Поранешните вработени исто така имаа побарување да се направи ревизија на комплетната стечајна постапка, па поради тоа имаат поднесено многу барања до Владата, министерството за Правда, Државната комисија за антикорупција и други надлежни институции.

„Каде и да се обратиме секаде го добиваме истиот одговор – „Се работи на случајот“. Имаме мала помош со добивањето на податоците околу исплатата на платите, но може да се забележи дека станува збор за нерамномерна исплата. Затоа што одредени лица ќе земат преку 80 проценти, додека други ниту 8 отсто или посликовито, некои ќе земат 1.500 евра, а пак други по 9.000 денари. Сметаме дека оваа поделба не е регуларна, затоа што сите исто сме работеле, сите сме се труеле таму, а исплатата да биде толку многу различна – вели Розета Атанасова.

Според нив, стачајниот управник Маринко Саздовски има платено некој доктор на економски науки кој ја има направено оваа распределба, кој колку проценти ќе земе, па од тоа околу 13 проценти од сумата ќе треба да ја земат вработените, додека другиот процент ќе оди за другите побарители.

Околу 2.000 работници ги чекаат заостаните плати, сума од околу 5 милиони евра, а досега им е исплатена сума од околу 1 милион евра, па тие бараат од Владата да им помогне да ги добијат нивните побарувања, затоа што на времето овој хемиски гигант околу 80 проценти беше во сопственост на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот