Огревното дрво со изгор цена – за просторен метар треба да се издвојат околу 4.500 денари
За загревање на 100 квадратни метри, нашите соговорници велат дека за сезона се потребни 8 просторни метри дрва
Во складиштата за дрва има огревно дрво, но цените го прават ова греење скапо. За просторен метар, годинава треба да се издвојат од 4.300 до 4.700 денари, покажа нашето телефонско јавување по складиштата низ Скопје, а даб не може да се најде поевтин од 4.600 денари. Голем дел од семејствата, набавките на огревното дрво ги прават при крајот на летото, или сега на почетокот на есента за да има време да ги наредат дрвата и уште малку да им се досушат.
Разговорот со семејства што се загреваат на дрва, ни открива дека за ова греење еднократно треба да се издвои поголем износ.
– За поголема површина, како што е мојата, сепак, ова е позгоден вид загревање. Јас загревам 100 квадратни метри со дрва и сезонската потрошувачка ми е 8 метри. Дрвата ги набавив летово по 4.700 метри за просторен метар – ни објасни една скопјанка, која живее во куќа.
Дел од граѓаните наручуваат дрва и преку „Национални шуми“. И приватни компании, а и граѓани имаа право да купуваат огревно дрво и преку „Национални шуми“. Притоа, купувањето преку пензионерски здруженија значи дека тие купуваат на 6 рати, а социјално ранливите категории население може да купат со попуст од 10 проценти без рати или, пак, да купат на 8 рати.
Според нашите сознанија, годинава „Национални шуми“ успева во согласност со предвидената динамика да си ги исполни обврските, но нови количини огревно дрво веќе нема. Во петокот се објавени два склучени договори за сеча со дотур на огревно дрво со две компании, едниот е за 1.000 кубни метри, а другиот е за 5.600 кубни метри огревно дрво. Дрвата преку складовите на „Национални шуми“ обично се поевтини. За дрва што се продаваат преку складиштата во кои се испорачуваат дрва од „Национални шуми“, последниот ценовник е од јуни 2022 година. Според овој ценовник, еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.
Според член 62 од Законот за шуми, сеча во шума се врши само по претходно завршена ознака за сеча со втиснување јасно видлив шумски жиг. Под ознака за сеча се подразбира одбирање и означување на стеблата за сеча и евидентирање на дрвната маса што е предвидена за сеча за тековната година според посебен План за стопанисување. За годинава, „Национални шуми“ предвиде поголема сеча. Покрај државната шума, на годишно ниво од приватните шуми и меѓи се означува и реализира околу 230.000 метри кубни дрвна маса.
На социјалните мрежи граѓаните реагираат дека огревното дрво станало луксуз и многумина споделуваат слики од инвентор-клима со коментар дека тие на ваков начин си го решиле проблемот со греењето. За сите оние што не се приклучени на централниот систем на греење, инвертер-климите се покажаа како поекономичен начин на загревање, а од еколошки причини, во изминатиот период за нив имаше субвенции, па дури и бесплатни уреди по принципот купи инвертер, врати печка на дрва.
Половина домаќинства сè уште се греат на дрва
Според објавените податоци од Државниот завод за статистика во согласност со Пописот од 2021 година, од 598.632 домаќинства, 253.159 се греат на печки со огревно дрво, а 59.179 домаќинства со системи за греење на огревно дрво. На пописот пред две години, 69.534 домаќинства се изјасниле дека се греат со клима-уред. На централно греење биле приклучени 45.772 домаќинства. За жал, 3.461 домаќинство се изјасниле дека се без греење!