Ограничувањето на ХИМРАС и иднината на агресијата врз Украина

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Ограничувањето на високомобилните артилериски ракетни системи (ХИМРАС) може да се систематизира по три основи – оперативни, логистички и (гео)политички.

Како што ветивме минатиот пат (поради просторот) за да може докрај да се разбере ефектот што високомобилните артилериски ракетни системи (ХИМРАС) го имаат или би го имале врз агресијата врз Украина, потребна е детална анализа. За да биде сериозна, пак, секоја анализа по дефиниција мора да се осврне на предностите и, секако, слабостите на предметот на таа анализа. Минатиот пат рековме дека ХИМРАС системите им задаваат главоболка на руските стратези и дека Украинците имаат сериозни барања за повеќе вакви системи. Сепак, иако во многу анализи ширум светот, а особено во Украина се истакнува важноста на овие системи, тие имаат свое ограничување во поглед на тоа дали може да предизвикаат стратешки ефект и сами по себе да донесат пресврт во контраофанзивата која очајно им треба на Украинците.

Тоа ограничување би го систематизирале по три основи – оперативни, логистички и (гео)политички. Да тргнеме по ред. Оперативниот фактор на ограничување во конкретниот случај наједноставно би можел да се гледа преку два сегмента. Прво, призмата на тоа за што е наменето средството – зошто е креирано. Второ, доктрината на која треба да ѝ служи, односно професионалната рамка на мајсторите на војната како тоа средство ќе го вклопат во остварувањето на стратешките цели. ХИМРАС, како што објаснивме и претходно, е оперативно конвенционален систем кој има огромна предност бидејќи дава голема флексибилност и маневрабилност. Тоа е систем што дозволува дејство од дистанца, тешко се лоцира поради подвижноста, а и самиот систем поддржува маневар на оган со што тактичкиот досег е поголем.

Како таков е дизајниран да даде одговор во потенцијален конвенционален конфликт на предвидениот противник (кој, на пример, ја дизајнира својата концепција на војување на артилериска надмоќ и оклопен маневар – читај претходно Советите, и подоцна наследникот – Руската Федерација и делумно Кина). Доктринарно е приспособен да дејствува и по фиксни тактички цели, особено откако креативната американска воена мудрост му најде примена во напорите од глобалната војна против тероризмот.

Се користеше и во Авганистан, Ирак, Јордан…

Системот, драги мои, не е новина воопшто. Тој се користеше претходно во напади врз цели во Авганистан, Ирак, дури и во Јордан кога се таргетираа цели на ИСИС. Со други зборови, првата примена на овие системи не е врз цели за кои беа дизајнирани, туку за прилагодени цели. Најголемиот технолошки скок, кажано условно, кај овие системи е што истите беа унапредени со поврзување на ГПС-технологијата. На тој начин, од гаѓање на површини, овие системи сега може хируршки прецизно да гаѓаат цели и да имаат ограничено дејство. Сепак, во рамките на либералната доктрина на дејствување, но и од меѓународно правен аспект – дефинирање на тоа што е легитимна цел и избегнување колатерална штета овие системи имаат ограничување.

Од друга страна, Русите покажаа дека со оперативна флексибилност може да се анулира или намали ефектот на соодветниот „иновативен начин на примена на системот“. Тоа претходно беше случај со дроновите „Бајрактар“, или, пак, противоклопните системи „Џевелин“ каде што преку примена на соодветна технологија или процедури се анулира предноста која овие системи може да ја дадат. Само колку за пример, Русите најдоа начин преку електронско војување – конкретно електронско попречување да ги – условно или народски кажано – „заслепуваат Бајрактар“ дроновите со што ја намалија нивната ефикасност. Па, ако порано гледавме серија од видеа со кои се прикажува ефектот од дроновите, сега тоа се прави поретко. Слично е и со Џевелин-системите, иако и за едните и за другите мора да бидеме коректни дека сѐ уште имаат и даваат ефект.

Дополнително кон ова е и бројката што Украина ја има на располагање (за што веќе зборувавме минатиот пат). „Муабетот“, условно, е дека како и овие системи, и ХИМРАС-системите немаат капацитет сами по себе изолирано да дадат стратешка пресвртница највеќе поради другите два фактора на ограничување за кои ќе стане збор подолу. Еден од тие фактори, како што претходно рековме, е логистиката. „Аматерите зборуваат за тактика, додека професионалците зборуваат за логистика“ е максима која му се припишува поранешниот началник на здружените сили на САД Омар Бредли. Увертирата во анализата на овој фактор преку оваа максима е со цел да ја потенцира значајноста на логистиката како фактор кој го креира спектарот на ограничувања за ХИМРАС-системите да бидат одлучувачки за Украинците. Логистиката е наука, но истовремено и вештина. Во превод, логистиката се потпира на знаење што се стекнува преку теорија, но и практика. Во таа смисла, ефективноста на ХИМРАС-системите, освен во тактичка-оперативна смисла мора да се разберат во логистичка смисла. Тоа значи да се стават во систем кој дефинира процес и процедури, ресурси, нивоа и чекори на генерирање на одделна потреба/средство – конкретно ХИМРАС или делови од него (народски кажано муниција, на пример), транспорт и прераспределување, одржливост-издржливост и капацитети кои ќе го обезбедат тоа, пред сé, човечки.

Со оглед на тоа што, конкретно, дизајнот и развојот се завршена работа (а со тоа и аквизицијата на ресурсите – бидејќи системот е готов го има), она што е неопходно да се разгледа и стави во оперативен контекст, на прв поглед би рекле дека е чувањето, снабдувањето дистрибуцијата, одржувањето на системите. Сепак, и ова како што ќе видиме подолу, може да е ограничено особено ако се стави во контекст на политиката или геополитиката.

Проблем е испораката и бројот на ракети

Како што веќе рековме, американската флексибилност разреши дел од дилемите околу снабдувањето и реалокацијата на средствата или нивно борбено прераспределување. Но она што не можеше да го реши е бројот на овие средства кои може да се испорачаат, или да бидеме попрецизни – одржливоста на испораката. Во превод, да скратиме, бројката на ракетите кои се компатибилни за овие системи и бројот на самите системи е ограничен и во САД. Сегашниот началник на здружениот штаб на вооружените сили на САД Генералот Мајли, за медиумите во обраќањето за Украина, заедно со секретарот за одбрана Лојд пред две седмици истакна дека бројката на ракети – муниција, со која овие системи треба условно да се хранат, е нешто на што тие внимаваат. Да парафразираме, генералот Мајли подвлече дека бројката е фактор што будно се следи и дека барем засега работите стојат добро.

Тоа, иако може да е зачудувачки за многумина оти, нели, за очекување е дека САД имаат изобилство на сѐ, па сега проблем е бројот на ракети, ќе може најдобро да се разбере ако се анализира третиот можеби и хиерархиски најзначаен фактор – (гео)политиката. Во суштина, или од малку постратешки аспект гледано и пошироко, тоа всушност ја одразува длабочината на проблемот со инвазијата врз Украина или, да поедноставиме, укажува на егзистенцијалната природа на војната што добива сè појасни димензии и ја бара реформата во самата либерална демократија. Најпросто кажано, не дека воената мудрост во САД не предвидела дека вакви системи и средства за нив ќе треба да се произведат во поголем обем, туку дека политиката (која се фокусирала на непосредните закани-ИСИС и популистички дневно), штедела, би рекле, неодговорно. Во два наврати е одбиено барањето да се финансира производство на вакви системи и муниција за нив оти заканите не биле или не можеле да се видат.

За волја на вистината, не може да се замери бидејќи комодитетот во кој западна либерализмот, без да биде предизвикан од нешто, како што сега го гледаме од Русија и Кина, сам по себе стана проблем. Независно од сѐ, овој проблем, кој е дебата сама по себе е значаен фактор на ограничување во поглед на прашањето дали ХИМРАС-системите може да испорачаат стратешка пресвртница. Оттука, би заклучиле дека додека ХИМРАС-системите се значајна поддршка за украинските сили, тие не се одлучувачки за пресврт.

Она што повеќе треба да загрижува е мапата на Димитриј Медведев, каде Украина е оставена на Киев, западниот дел оди на Полска, а источниот е дел од Нова Русија. Уште повеќе, она што е интересно е дали навистина, како што рековме претходно во неколку наврати, војната во Украина е во 1939 година (фигуративно паралела со почетокот на Втората светска војна) и дали допрва овој судир ќе се прелее подлабоко додека чекаме да видиме дали Белорусија ќе влезе во војната директно.

(авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот