Огнен го пофаќаше мозолчето и се повеќе се возбудуваше: Родители згрозени од лекција по македонски јазик за петто одделение

Текст објавен во учебник за петто одделение, кој е составен дел од програмата по македонски јазик предизвика бурни реакции во јавноста. Родителите на петтооделенците, но и останатите, реагираат на недоличниот начин на кој на десетгодишни деца им се објаснува пубертетот.

Дел од текстот изгледа вака:

„Кога пубертетот ’дојде’, малиот Огнен доби мозолче на лицето, а мајка му конечно направи торта. Потоа, Огнен го пофаќаше мозолчето и се повеќе се возбудуваше. Лакомо jадеше од тортата, а целото семејство го славеше неговиот пубертет. Откако се засити, Огнен ја побара својата соученичка Мара и заедно со прстите си ги пипкаа мозолчињата, полека, нежно, како да фаќаат нежни расцутени цветчиња“.

За да биде иронијата уште поголема, овој текст минал низ рацете на неколку македонисти, специјализирани за литературно пишување и изразување. Авторите Љубица Севдинска и Весна Настоска, рецезентите проф. д-р Благица Петровска (претседател), Митра Цилевска – професор по македонски јазик и Билјана Герас – професор по македонски јазик едногласно се согласиле дека текстот ги задоволува критериумите за да биде составен дел од изучувањето на македонски јазик.

На што точно овој текст во учебник по македонски јазик ги учи учениците, дали во прв план е литературата или пак можеби биолошкиот процес на растење и созревање, прашавме во Министерството за образование и наука, од каде што не добивме одговор.

Дополнително прашање кое ги мачи родителите на петтодделенците е начинот и стилот на пишување, кој според нив е несоодветен за десетгодишни деца.

Дали со ваквата констатација на родителите ќе се согласат и социолозите, го прашавме професорот Илија Ацевски од kатедрата за социологија на Филозофскиот факултет. Според него, направена е ненадминлива грешка, преку ваквиот сликовит приказ на пубертетот, посебно ако се земе предвид дека предметот не е билогија, туку македонски јазик.

– Денеска децата од најрана возраст, со помош на технологијата имаат сликовит пристап и широк спектар на информации за работите кои не се соодветни за нив. Неопходно е академската фела која ги подготвува учебниците да не заборави дека образовно-воспитниот процес е на прво место, и на учениците да им понуди образование и знаење поразлично од тоа што ученикот го учи на улица, од повозрасните другари – објаснува Ацевски.

Според него, возраста на децата од конкретниот пример е исто така проблематика за која треба да се размисли, а прилагодувањето кон таканаречените модерни времиња е грешно.

– Несоодветната содржина која се предава на часовите, несомнено ќе остави трага врз понатамошното социјално однесување на младите. Неретко и девијантните појави кај одредени деца се резултат на неквалитетни часови, во кои што предвидената содржина се предава на несоодветен начин. Посочување кон поединци од класот за време на предавањето преку кои се даваат примери за темата која се обработува е одличен поттик за булинг и исмевање на учениците кои биле посочени како пример – предупредува социологот Ацевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот