Официјално: Кире Лазаров нов селектор на ракометарите: Македонија ќе игра модерен ракомет

epa08962362 Kiril Lazarov of North Macedonia in action during the Main Round match between Belarus and North Macedonia at the 27th Men's Handball World Championship in Cairo, Egypt, 24 January 2021. EPA-EFE/Mohamed Abd El Ghany / POOL

Тоа што се навестуваше по завршувањето на Светското првенство во Египет на кое Македонија го освои 23. место, денеска се оствари, Кире Лазаров е нов селектор на сениорската репрезентација.

Управниот одбор и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, едногласно одлучија нов селектор да биде Лазаров, кој ветува макотрпна работа и модерен ракомет.

– Сега нема да имаме премногу време да ја менуваме играта и филозофијата, бидејќи за еден месец играме со Данска и нема простор за премногу промени. Потоа пак ќе одиме по клубовите, па ќе се собереме за оние последни дуели со Финска и со Швајцарија. Во овој момент е невозможно да се извршат некои коренити промени, но верувајте дека сум свесен за она што ни недостига за да играме ракомет со кој ќе се гордееме. Само да се пласираме на ЕП 2022, потоа ќе почнеме со креирање на препознатлива игра. Еве можам да ветам дека на тој европски шампионат ќе играме помодерно, помоќно, со квалитетно издание во двата правци – вели Лазаров.

Целта на Лазаров како нов селектор ќе биде Македонија да го задржи континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
– Ова е голем предизвик за мене, но јас сакам предизвици во животот, само тогаш се чувствувам исполнет, кога имам предизвик пред себе. Не сум човек што сака да седи во канцеларија, јас сакам да се борам, таков бев како играч, таков ќе бидам и како тренер. Сигурен сум дека ќе успеам, знам дека ќе биде тешко бидејќи преземам национална селекција што е во формирање и треба дополнително да се стабилизира. Мораме да поставиме високи цели, само така може да одиме напред, иако моментната ситуација не е таква каква што ја очекувавме. Јас сум повеќе од 23 години дел од оваа репрезентација, одлично сум поврзан со националниот тим, ги познавам играчите и карактерно и верувам дека добро ќе менаџирам. Примарната цел е да имаме континуитет од настапи, а како што ќе минува времето да се обидеме и да оствариме некој позабележителен резултат, да не се задоволуваме само со учество. Јас сум убеден дека она што го прикажавме на шампионатот во Египет не е најдоброто од македонскиот ракомет во моментов, не сакам да навлегувам во причините, но знам од каде треба да почне да се поправа ситуацијата – истакнува Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот