фото: facebook/КК Пелистер Битола

Официјално: Ненад Трајковиќ е нов тренер на КК Пелистер

Искусниот српски стручњак Ненад Трајковиќ ќе седи на клупата на кошаркарскиот клуб Пелистер до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

Управата на битолскиот клуб постигна договор за соработка со овој ценет и успешен тренер. По одлуката за повлекување на Александар Петровиќ, одлуката на раководството на КК Пелистер беше оваа функција да биде доверена на искусен тренер со беспрекорно реноме во регионот.

Трајковиќ (64 години) ја почна тренерската кариера како асистент во Партизан, а во периодот од 1999 до 2001 година беше и шеф на стручниот штаб на прославениот српски кошаркарски колектив.

Има работено како помошен тренер во Реал Мадрид, извесен период беше и селектор на младинската репрезентција на Југославија, а Трајковиќ мина една сезона и во НБА-лигата, како дел од стручниот штаб на Кливленд кавалирс.

Во 2014 година беше и селектор на репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а последен ангажман му беше како предводник на Студентски Центар, успевајќи да го внесе овој тим во елитното друштво на АБА-лигата.

Доаѓањето на Трајковиќ во Битола се очекува во текот на утрешниот ден, а српскиот стручњак ќе дебитира на клупата веќе на мечот со Гостивар закажан за сабота.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот