Одобрено клиничко испитување на вакцина против коронавирус во Германија

Компаниите БиоНТех и Фајзер добија одобрение од германскиот Сојузен институт за вакцини и биомедицина „Пол Ерлих Институт” да започнат со први клинички истражувања на кандидати за вакцина против Ковид-19.

Германската БиоНТех и американската Фајзер заедно ја развиваат вакцината БНТ162, а ова е прво клиничко истражување на кандидати за вакцина против коронавирусот во Германија и дел од светската развојна програма, се наведува во заедничкото соопштение на двете компании.

Фајзер и БиоНТех најавуваат и истражување во САД откако ќе добијат одобрување од американските институции, што се очекува наскоро.

Првичното истражување ќе опфати приближно 200 здрави испитаници на возраст од 18 до 55 години и целни дози од еден до 100 микрограми, за да се утврди оптималната доза за натамошната студија, но и да се процени безбедноста и имуноста на вакцината, односно степенот на можност за заштита на организмот.

Истражувањето, исто така, ќе ги процени ефектите од повторена имунизација за тројца од четворица кандидати за вакцина, кои користат уРНА или модРНА. Испитаниците со поголем ризик за сериозна коронаинфекција ќе бидат вклучени во вториот дел од студијата.

Видео на денот