Одморени непушачи

Дон Брајден, менаџер на агенција за вработување, на непушачите кај него реши да им даде дополнителни четири дена годишен одмор. Никој не се лути, вели Дон и додава дека не дискриминира никого. И пушачите и непушачите велат дека се согласни со потегот на директорот.

Во 1974 година, речиси половината од возрасните Британци пушеа. Животот во зачадени домови, пабови и работни места беше дел од секојдневието. Денеска, бројката е значително, радикално помала. Пушат само 15 отсто од граѓаните на Обединетото Кралство, а владата ветува дека ќе го елиминира пушењето сосема до крајот на 2030 година! Тоа за Британците. Што ќе прават (ајде да не ги именувам, си се знаат кои се) страсните, а и неколкуте друштвени и за атер на другите пушачки и пријателки од мојата главна татковина кога ќе дојдат на гости тука во 2031 година, е па не знам. Ми останува да проверам со моите контакти во Форин офисот. Да не треба некаде среде ливада да ги однесам, се прашувам, а тогаш, тешко мене. И онака сега ми мрчкаат поради проблематичните тешкодобивачки визи за влез во Британија, па кој ќе ги слуша за кратењето на нивните „човекови пушачки права“. Посебно кога доаѓаат од земјата во која „пуши цела нација – со гаранција“. Без казни. И, за жал, со последици. За сите. Од долната облека, преку финансиите до белите дробови и здравството.

Шерлок во потрага по Трајко и Тревор

Во последните години беа воведени мерки што им помогнаа на многумина да престанат да пушат, а други воопшто за да не им текне да почнат со таа „дисциплина“ без да им бидат загрозени човековите права (и слободи). Во 2007 година пушењето беше забрането (се разбира, во јавни простории), цените на цигарите се зголемија, рекламирањето веќе не постои, а да се најде каде се продаваат цигари е потребна вештина рамна на онаа на англискиот детектив Шерлок Холмс. Логиката е дека е подобро да се трошат пари на спречување и одвикнување отколку на лекување. Што има и научно покритие, зашто веќе и малите деца знаат дека пушењето е штетно за здравјето. Помина времето на чист тутун, набран од незагадена ливада, сушен во незагадена природа, сечкан и виткан и уживан пред децении и децении од Трајко и Тревор, кои ете живееја до деведесет и ништо не им беше… Ама ни велат дека Трајко и Тревор се исклучок, нели, кој го потврдува правилото.

Исто така ни велат, барем тука, не знам како е на други места, ама ни велат дека најчесто пушат посиромашните. Колку што е областа посиромашна, толку повеќе пушачи. Во Ричмонд речиси никој, освен Мик Џегер што ќе испафка некоја пура (или нешто слично) кога ќе дојде кај бившата, Џери Хол, на гости. А во Блекпул пак, место цуцла, како цигарче да им даваат на децата кога ќе се родат. Потоа велат, повеќето мајстори и физички работници има шанса да пушат, за разлика од оние со професионални или менаџерски позиции. А утврдиле и дека оние под постојан стрес и со ментални проблеми, полесно се фаќаат за цигара. И таа им останува во рака со години и со децении и некогаш засекогаш. Така утврдиле стручни лица, јас само пренесувам…

За четири дена непушење

Дон Брајден, менаџер на агенција за вработување, на непушачите кај него реши да им даде дополнителни четири дена годишен одмор. Никој не се лути, вели Дон и додава дека не дискриминира никого. И пушачите и непушачите велат дека се согласни со потегот на директорот на агенцијата за обука и вработување од Свиндон, Кеј Си Џеј. Ама нормално, непушачите се „посогласни“.

Ако некој сака да пуши, нека пуши, вели Дон, немам ништо против. И да речеме, излегува пушачот на цигарче или пуш-пауза трипати дневно по 10 минути, тоа значи дека пушел 16 и четвртина денови годишно во текот на работно време од осум часа дневно. Ајде да го скратиме ова на една третина, вели Дон, излегува нешто повеќе од пет дена. Сепак, тој за почеток решил да даде дополнителни четири. Еден вработен прашал, шефе, ако не пушам три месеци, ќе добијам ли екстра ден одмор? Друг прашал дали може за шест месеци непушење да добие два? Дон рекол – да. Вели, фер е оние што работат без денгубење да бидат наградувани, а се радува ако ги мотивира луѓето да престанат да пушат.

Е сега, не се јасни неколку работи. Дали за непушачи ќе се сметаат само тие што не пушат на работа, а пред да влезат во Кеј Си Џеј до филтер ја смукаат четвртата утринска и палат една веднаш штом ќе излезат? Што ќе се случи кога еден ден во компанијата сите ќе станат непушачи? Како ќе се утврдува непушачкиот стаж? Ќе му хукаат ли на Дон како доказ дека не мирисаат на тутун секое утро и на крај на работното време, ќе се охрабрува ли поткажувањето, ќе има ли камери во тоалетите или ќе има лекарски или… да ја почекаме ние 2030 година, па ќе видиме.

Интересно во сето ова е и фактот, докажан и нескриен од рапавото кашлање и пожолтените прсти, што Дон Брајден е – пушач. Браво Дон, во стилот на она, прави како што ти велам да правиш, не како јас што правам… а во некои земји, во оваа поговорка се спомнуваат свештени лица. Како попови на пример. Да се крсти човек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот