Одлуката на Џафери останува, дали и тој ќе остане спикер?

Талат Џафери во Собранието / Фото: „Слободен Печат“/Драган Митрески

По „пропаста“ на иницијативата за референдум, се претпоставува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ги заостри односите со власта, кон нови блокади на централно и на локално ниво и кон можно барање Џафери кривично да одговара. Засега нема одговор дали ќе поведе интерпелација за спикерот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери сам да си поднесе оставка или пратениците да му изгласаат недоверба – такви се главните „решенијата“ што ги предлагаат експертите, некои и по уставно право, откако спикерот ја отфрли како неуставна иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум против Законот за ратификацијата на Договорот со Бугарија.

Во јавноста не стивнуваат реакциите дека Џафери ги надминал овластувањата, го суспендирал Собранието, ги прекршил процедурите и се ставил во улога на уставен судија. По ваквиот изненадувачки исход на иницијативата за референдум, опозицијата и власта продолжија со меѓусебни обвинувања. Се претпоставува, а нешто од тоа беше и најавено, дека следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ ќе водат кон целосно заострување на односите со власта, кон нови блокади на централно и на локално ниво и кон можно барање Џафери кривично да одговара. Засега нема одговор дали опозицијата повторно – претходната заврши неуспешно – ќе иницира интерпелација за спикерот.

Професорот по уставно право Јове Кекеновски смета дека повеќе од јасно е дека претседателот на Собранието свесно и тенденциозно ја прекршил процедурата и навлегол во толкување на Уставот наместо да ја оцени уредноста на иницијативата за распишување референдум.

– Со тоа Џафери направи повреда на Деловникот и на Уставот, ја отфрли иницијативата како неуставна, но направи и повреда на врвното право на граѓаните на референдум да го кажат своето мислење. Тој не може да се става во улога да ја оценува уставноста на иницијативата, бидејќи како претседател на Собранието е прв меѓу еднаквите, а не над пратениците и самоволно и своеволно да одлучува. По овој гест, во демократско општество треба да следува оставка на Џафери или пратениците да му изгласаат недоверба – вели Кекеновски.

Според него, отсега натаму речиси дека нема ни минимални шанси за каква било соработка помеѓу власта и опозицијата, особено не кога станува збор за поддршка за уставните измени.

– Јасно е дека и досега соработката помеѓу власта и опозицијата беше минимална, но по овој гест на Џафери таа целосно е нарушена. Сметам дека ќе нема ни минимум шанси за каква било соработка меѓу власта и опозицијата оти се соработува со некој што ги почитува Уставот и законите, а не со некој што го силува Уставот – вели професорот Кекеновски.

На линија дека треба да следи интерпелација за Џафери, бидејќи тој како претседател на Собранието треба да го применува, но не и да го толкува Уставот, е и професорката на скопскиот Правен факултет Мирјана Најчевска.

„Претседателот на Собранието не го толкува Уставот туку го применува. Собранието може да даде автентично толкување на конкретен закон, а Уставниот суд официјално толкување на Уставот. Инаку, секој од нас во процесот на примена на законите во исто време и ги толкува. Меѓутоа, тоа е нешто сосема друго од официјалното толкување. И, да, во моментот кога претседателот на Собранието ќе ги прекрши процедурите тој мора да биде отстранет од соодветната позиција. Во најмала мера. А секој што склучува меѓународен договор тоа го прави во име на граѓаните. Нели единствено граѓаните се носители на суверенитетот во државата и тој суверенитет не може да им биде одземен. А референдумот е една од алатките на практикување на тој суверенитет“, напиша Најчевска на Фејсбук.

Таа додава дека со референдумот, граѓаните го искажуваат своето мислење, а власта треба тоа мислење да го преточи во конкретна процедура, која ќе го даде посакуваниот резултат, тоа е нејзина работа. „Никој не смее да ги спречи граѓаните да го искажат мислењето. Тоа се вика демократија. Не е важно дали ми се допаѓа темата на референдумот. И не е важно дали ми се допаѓа мислењето кое го имаат граѓаните. Важно е функционирањето на државата како демократска“, смета Најчевска.

Според министерот за правда Никола Тупанчески, иницијативата за распишување референдум имала правни аномалии што ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на целта. Пред иницијативата да биде поднесена, требало да се земат предвид одредбите од Уставот, Законот за референдум и од собранискиот Деловник.

– Во член 118 од Уставот експлицитно е уредена материјата во однос на меѓународните односи и во тој контекст на меѓународните договори. Тие, како што стои во овој член, претставуваат составен дел од внатрешниот правен поредок на државата и не можат да бидат менувани со закон.  Член 24 имплицира дека станува збор оти референдум би можел да биде распишан пред потпишување, односно ратификација на меѓународен договор. Се разбира дека овој закон има уште една одредба, која се чини дека би можела да биде релевантна, а тоа е членот 28, кој се однесува на Бадентеровото мнозинство и какви импликации има таа одлука при распишувањето на референдумот. Тука постои уште деловникот на Собранието и тоа се актите кои се релевантни при донесување одлука за распишување референдум – потсетува министерот.

Тој вели дека единствени надлежни во државата и во меѓународното право за склучување и за потпишување меѓународни договори се претседателот на државата и Владата.

– Да не заборавиме дека меѓународното право се разликува од националното право во однос на комплементарноста. Ќе мора задолжително да се почитуваат обврските што се преземени од Меѓународниот договор, а за начинот на кој може да биде раскинат сигурно дека не е надлежно Собранието. Дефинитивно, кога се зборува за процес на дератификација, тој никаде не е регулиран со национален пропис – вели Тупанчевски.

Неговото лично правно мислење е дека во самите меѓународните договори кои се ратификувани, постои начин како може да се раскинат. Меѓународните договори, објаснува тој, на некој начин се сепаратно право и ја регулираат и материјата на кој начин може да бидат еднострано откажани или како да се повлече од обврските што произлегуваат од договорот.

Интерпелација против Џафери може да поднесат пратениците, а за да биде сменет од функцијата, треба да гласаат најмалку 61 пратеник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот