Одлука за датум во мај, каква не се знае!

Вие испорачавте сè, нема нови услови за вас, не ви нудам алтернатива на полноправното членство во ЕУ и доаѓам во првата половина од 2020 година за ова да го кажам пред вашите луѓе, му рекол францускиот претседател Емануел Макрон на својот македонски колега на нивната вчерашна средба во рамките на Париската мировна конференција. Македонскиот претседател добил гаранции од Макрон дека Македонија на 6 мај во Загреб ќе добие одлука во врска со датумот за почеток на преговори за членство во ЕУ, но сè уште не се знае дали таа ќе биде позитивна или негативна. Новата методологија за проширување на ЕУ, што ја најави Макрон и поради која стави вето на преговорите со Македонија и со Албанија, се очекува да биде завршена до март. Макрон објаснил дека на европскиот самит на лидери во октомври не добивме датум за почеток на преговорите со ЕУ, затоа што било потребно време за да заврши внатрешната реформа во ЕУ.

Пендаровски по средбата на која секој ги изложил своите аргументи, рече дека имале отворен и динамичен разговор, но без гаранции за датумот за преговори.

– Претседателот Макрон веќе почнал со расчистување на новата методологија. Тие имаат предложено „нон-пејпер“ до земјите членки пред една недела и очекуваат во наредните месец-два, сè да заврши со коментари од другите земји членки, евентуално со амандмани. Начелно тој мисли дека методологијата треба да биде усвоена најдоцна до март – изјави Пендаровски.

Тој објасни дека во овој момент на три страници се предложени само идеи и принципи за новата методологија, која сè уште не е разработена во детали. Изнесени се начелата до кои треба да се држат земјите кандидати за членство во ЕУ и земјите што го оценуваат напредокот на кандидатите.
Пендаровски вели дека Макрон му рекол дека би можело да се очекува конечна одлука за отворање преговори во мај на Самитот во Загреб, но не му дал гаранции дека таа одлука ќе биде позитивна.
Макрон децидно му кажал на Пендаровски дека одлагањето на преговорите било поради тоа што на ЕУ ѝ треба повеќе време, дека негова стара заложба било продлабочување на ЕУ и промена на методологијата за прием на нови членки, дека знае оти двата процеса може да одат паралелно и дека му е јасно дека ние сега сакаме само да почнат преговори.

Пендаровски истакнал дека промената на методологијата не претставува никаков проблем за нас и дека стоиме зад принципот на реверзибилност.

– Во еден момент му реков дека и дури и да бидеме полноправна членка, слободно може да нè исклучат. Не ни е од интерес да бидеме членка, а да не бидеме демократија. Половина живот живеев во автократија – изјави македонскиот претседател во Париз.

Макрон во ниту еден момент не му споменал на Пендаровски никакви дополнителни реформи за влез во ЕУ, ниту поставувал нови услови, како на пример законот за обвинителство. Пендаровски посочи дека пред шефот на француската држава инсистирал на тоа дека Македонија не прифаќа никаква друга алтернатива освен полноправното членство во ЕУ.

– Макрон се согласува со тоа и јасно ми рече дека никогаш не била неговата намера да ни даде алтернатива на полноправното членство, туку дека само сака да го подобри процесот, да не продуцира само бирократски успеси, а суштински неуспеси – рече Пендаровски.

Тој вчера во рамките на Париската мировна конференција, на која учествуваат триесетина шефови на држави и на влади и претставници на десетина меѓународни невладини организации, но не и на САД, одржа мастерклас на кој зборуваше за Охридскиот рамковен договор, за соработката со ОБСЕ и за градењето мерки на доверба. Пендаровски на маргините на мировниот форум се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со австриската канцеларка Биргит Бирлајн.

Вучиќ: Македонија ќе добие датум во март

 

Македонија можеби ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ во март, најави вчера српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон.

– Очекувам преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија да бидат отворени во март, освен ако не се чека Самитот во Загреб во мај. Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што тој направил – изјави Вучиќ.

Српскиот претседател истакна дека иницијативата за укинување на бариерите за слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија е поважна од повлекувањето на признавањето на Косово. На прашањето дали добил поддршка од Макрон за Малиот шенген и дали очекува притисок поради идејата, Вучиќ одговори дека оваа иницијатива нема да ја нарече со тоа име, бидејќи тој назив „вознемирува некои луѓе, а и заради географската одредница“.

– Никој не може да каже дека таа иницијативата може некому да му пречи, затоа што не постои рационална причина за тоа. Иницијативата е поддржана од САД и Макрон тоа ќе го стори јавно. Но, на некои земји може да им се каже да речат дека се против тоа заради нешто, затоа што сфатиле дека ја земаме судбина во свои раце и самите ги решаваме сопствените проблеми – истакна Вучиќ.

Османи: Има силна солидарност во ЕУ за датумот за преговори

 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека сè уште постои силна солидарност во ЕУ околу одредувањето на датумот за преговори со Македонија, иако земјите членки имаат многу внатрешни проблеми.

– По октомври сите изјави од Брисел ги земам со резерва. Сепак се чувствува едно движење како резултат на солидаризирање на светот во врска со историската грешка што ЕУ ја направи со Северна Македонија и Албанија. Мислам дека тоа масовно солидаризирање не може да се игнорира бескрајно. Ние работиме за секој Самит и за во декември и за во март, но сепак сметам дека треба да се земат со резерва ставовите во ЕУ каде што очигледно има внатре многу проблеми – рече Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот