Одложено судското рочиште за стечај на штипски „Бетон”

Во Основниот суд во Штип денеска е одложено судското рочиште за отворање или не на стечајна постапка за градежната компанија „Бетон”.

Судијата, Маја Џорлева од Основниот суд во Штип кој го води предметот вели дека причината за одлагањето е се уште не готовиот извештај на привремениот стечаен управник Драги Димовски од Струмица кој има, како што вели, обемна работа за подготовка на овој извештај, бидејќи мора и да изанализира околу 30 имотни листа, односно објекти т.е. недвижен имот што се во сопственост на компанијата „Бетон”. Затоа се дава и рок на привремениот стечаен управник да го направи извештајот, а рочиштето е презакажано за 2 јули.

Тројца доверители бараат отворање стечајна постапка за компанијата „Бетон”, но со отворањето на извештајот на 2 јули ќе се знае колкав е долгот и побарувањето на оваа компанија.

Судијата има одредено и времена мерка, односно забрана за располагање на имотот и за негово извршување. Џорлева појаснува дека со оваа мерка имотот на „Бетон” не може да се продаде, ниту, пак, да се наплати долг преку извршители.

Компанијата „Бетон” пред неколку години беше втора по големина градежна компанија во земјава, а на јавноста и е позната како најголем корисник на тендерите за проектот „Скопје 2014″ за што заработи и 55 милиони евра. Оваа компанија беше споменувана и во „бомбите” кои како доказен материјал завршија во СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот