Еден од 9-те уставни судии е во изолација поради корона-вирус и затоа нема да се одржи денешната седница на која требаше да се расправа по иницијативата на оштетените штедачи од Еуростандард банка за укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки според кој Фондот за обесшетување на штедачите има предимство при наплата на пари од стечајната маса. Здружението на ошетени штедачи од Еуростандард поведе инцијатива да се оцени оваа одредба затоа што смета дека таа е дискриминаторска и ги доведува штедачите во различна состојба.
Но, она што е преседан е фактот што по иста ваква иницијативе се одлучуваше на 24 февруари и тогаш Уставниот суд информираше дека не е поведена постапка по иницијативата, бидејќи со оваа законска одредба не се повредува Уставот. Потоа, истата иницијатива повторно беше ставена на дневен ред на седницата која се одржа на 25 март 2021 година, но седницата беше прекината. Здружението утрово се обрати до јавноста со доза на сомнеж во однос на повторното одложување на седницата.
„Согледувајќи ги настаните по хронолошки ред кои претходеа на оваа веќе одложена седница, не можеме, а да не поставиме едно многу битно прашање, а тоа е: Дали позади сите одлагања на донесување на одлуката постои всушност вистински притисок врз судиите кои ја поддржуваат иницијативата да го променат своето мислење (…) За да стане сомнежот уште поголем, новозакажаната седница се одложи повторно, овојпат на неопределено време и тоа еден ден пред закажаната дата. Официјална причина за одложувањето овојпат е ширењето на коронавирусот и новите мерки кои сепак не ја одложија работата на другите институции во државата слични на оваа“. , пишува во соопштението.
Според нашите сознанија пак, доколку дозволи здравствена состојба на судијата што е во изолација, и доколку нема нови случаи на заболени, можно е веќе наредната недела да се решава за оваа инцијатива.
Доколку Уставниот суд донесе позитивна одлука, Фондот за осигурување на депозити, нема да има предност при наплата од стечајна маса, но штедачите – домаќинства кои имаат до 30.000 евра депозит, и понатаму први ќе си ги земаат парите токму преку овој фонд, кој е направен за таа намена и за кој банките издвојуваат средства за осигурување.