Одлично ни оди!

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Да, одлично ни оди… со колективно (само)убиство. Самите ги уништуваме и шансите, веројатно последните, за изградба на нормално општество. Паралелно со ова уништување од ден во ден, од минута во минута, ја напуштаме и идејата за создавање на тоа што долго, предолго, го очекувавме – правната држава и демократијата.

Ова стаса дотаму што, кога ќе се споменат овие изрази, општество, правна држава, демократија, најчесто предизвикува огорченост и подбив. До времето кога, како во филмот „Одисеја 2001“, мајмунот со страв го допира монолитот што дошол од некое друго време… Нема да претера оној што ќе каже дека тоа време е сега, веќе го живееме.

И тоа за кого, за што? За интересите на оние што ја укинаа правната држава и ја присвоија за себе. Изгледа како да сакаме да им го вратиме на разбојниците тоа што го украдоа од нас… Од кои причини? Од стрес и разочарување, но и поради многу суета и кратковидост. А можеби и од интерес. Краткорочен.

Се разбира, одговорите не се ни толку едноставни. Отпорот кон правната држава и демократијата доаѓа од центри на моќта чии димензии и капацитети се незамисливи, а методите на нивното дејствување се комплексни и ослободени од одговорноста што ја наметнува еден организиран систем. Напротив, нивната основна функција е да го разнишаат системот и да го прилагодат, односно да го стават во функција на своите криминални цели.

Повеќе од очигледно е дека Владата е растргната меѓу реалната политичка моќ и распоредот на силите во парламентот, од внатрешната фрагментација и клептократски елементи, а најмногу од субверзиите што ги изведуваат криминалните структури од претходната и од сегашната политичка, бизнис и медиумска елита.

Дополнително, довербата во Владата е разнишана од огромниот јаз меѓу декларираните определби и ветувања, наспроти реалните можности. Ветувањата и очекувањата брзо станаа две различни приказни, делумно поради неуспесите на владата (таква каква што можеше да се формира), а делумно поради агресивниот агитпроп на Фамилијата. Тоа беше невозможна мисија, да се исполнат ветувањата во услови на едно кревко општество, недоволно заздравено од криминалниот режим што траеше до пред три години и остана прилично витален и понатаму. Време е да се помириме со тој факт и да разбереме што (ни) се случува и да почнеме да работиме на спасот на македонската иднина. Да ги наречеме нештата со нивните вистински имиња…

Што имаме сега? Нестабилна влада, со врзани раце и нозе од една страна и супер способна криминална мрежа вгнездена насекаде, помогната од странски криминалци и диктатори од друга страна. Тоа е распоредот на силите.

Приказната е многу поголема. Авторитарните тенденции и ултра десницата решила да се пресмета со придобивките од демократијата и со човековите права и слободи. И не само во Северна Македонија, туку глобално.

Уште подиректно, соголено: На повидок е жестока битка што ја води криминалот против правната држава и демократското општество. Се наоѓаме на прагот на многу посериозен и потежок конфликт отколку што тоа може да се чини во овој момент. Но, само денови нѐ делат од ерупција на голема политичка криза. Во поширок контекст, Северна Македонија е само дел од овој конфликт, со мали шанси (на повидок) да не го извлече подебелиот крај.

Во локален контекст, политиката, наместо да излезе од институциите на системот, остана нивниот мотор. Ден по предвремените парламентарни избори во декември 2016 година требаше да го знаеме тоа. Шансата со локалните избори, да се надокнади потребната, а недобиената предност во парламентот, едноставно, не се искористи, од познати, но и од причини што допрва ќе ги откривам(е).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот