Одиме на Марс

Одиме на Марс. Понеупатените читатели, љубители на поранешнојугословенскиот поп, ќе си помислат дека Џогани, Џибони или како и да беше, ќе дојде да нѐ забавува на плоштад за Нова година. И морам да ги разочарам, затоа што оваа изјава ја даде Елон Маск, веројатно најистакнатиот претставник на „новите“ претприемачи, во народот познати како богаташи.

Човекот е приватен претприемач, меѓу другото е соосновач на најпознатата платформа за плаќање преку интернет, Пејпал, втемелувач на Тесла, компанија која произведува и електрични автомобили за побогатиот плебс и соларни електрични централи кои ги продава директно на државите или на нивните компании за производство на струја. Во 2002 година тој поставува темел и на компанијата Спејс Икс, со цел и план луѓето да ги направи интерпланетарни битија, всушност да помогне при човечката колонизација на Марс, и почнува да прави нови типови ракети.

Преквалификација на прекубројните

За само шест години веќе ја лансира првата приватна ракета на течно гориво во орбитата на планетава, а пред десетина дена го промовираше најновото чудо од ракета, наречена Големиот Сокол, еден старшип (вселенски брод) што изгледа како да е излезен од стриповите за Флеш Гордон. Чао Наса, чао Руси. Сега имаме ракета која може да пренесе едно чудо колонизатори во „храбриот нов свет“ и вистински да додадеме уште една звездичка во нашиот галактички статус на свесни битија. За само седумнаесет години.

Неколку дена после Елон и ние во престолнинава на државава имавме вселенска промоција. Нови, модерни, ултралесни, пластични контејнери кои полуавтоматски се отвораат на ножен погон. Пред сè, поголеми од своите преходници, како што и Големиот Сокол на Елон Маск е поголем од своите браќа соколи ветрушки и останатата „боранија“ од ракети. За новите контејнери имаме и нови камиончиња, нормално на дизел погон, од оние што загадуваат. Има и електрични возила за чистење, што е за поздрав, тие не загадуваат.

Македонецот не би бил оноа што е, па сјајниот Спејс Икс да не го претвори во Спејс Кикс. Нашиот „спејс кикс“ се покажа на тест-граундот во Аризона, пардон, Аеродром, веќе следниот ден. Известувачите од терен велат и дека намерно било оставано ѓубре покрај нив, но и дека капацитетот на восприемање ѓубре не е доволен, туку дека треба да се додаде уште барем еден контејнер. Значи, имаме два големи проблема, а решението за двата сепак се крие кај градската администрација.

Првиот проблем е што навистина сме стока од народ, ама со стока лесно се справува. Со стап по џеб се решава стоката, и тука е клучна прекубројната администрација на метрополата. Наместо прекубројните да ги преквалификуваат во заварувачи, вилушкарџии, електричари или недајбоже плочкари (сето ова се стручни кадри кои земаат многу поголеми плати од македонскиот просек), може да ги преквалификуваат во инспектори за животна средина, да ги опремат со тефтерчиња и да ги пратат да си ја заработат платата. Па едните ќе си фатат бусии по маалски контејнери, другите по мостови и шеталишта, а најсреќните, со службените градски електрични тротинети, ќе одат во потрага по оние што палат кабли и гуми. И ќе пишуваат казни, нормално. И буџет ќе се полни, и нема да мора дронови да ни бараат диви населби што чадат, ама најважно е тоа што ќе биде почисто.

Остварливи цели

Вториот проблем е оној потешкиот, недостасува уште еден контејнер. Како ли ќе му биде на Елон ако ракетана му застане некаде после Месечината, затоа што не испланирал да стави доволно гориво? Планирањето е основната компонента на било каков урбан процес, без разлика дали е во прашање  одлагањето на ѓубре, гасификацијата, јавниот транспорт, чистењето на воздухот или водата, сето тоа треба добро да се испланира.

И, ако Елон си постави цел и веќе ја достигнува за неполни седумнаесет години, сакам да имаме и ние некој план за ист таков нареден период, па нека се и осумнаесет години, некаква скица за идните активности кои би направиле во градов, дејанија со кои ќе се подобрат условите за живеење во него – воздухот, транспортот, но и изгледот. Ние нема да отидеме на Марс, ние нема ни до Бујановац да стигнеме, сè додека не си го средиме дворот, а и тоа се работи постапно. За две години решаваме диви депонии, за пет години автобусите на плин, за десет целосна гасификација, за осумнаесет град без големи загадувачи, решен јавен транспорт, нови паркови и чист воздух.

Ова се остварливи цели и вака размислуваат во „некои“ земји, особено кога треба, пред избори да ја напишат својата програма, а после избори да се фрлат на остварување на истата, затоа што ни света партија нема да ги спаси од гневот на локалното население. А ако ја остварат, остануваат запаметени со генерации, стануваат почесни граѓани, дел од историјата на градот.

Другата варијанта е топтан сите да се пријавиме за колонизација на Марс, воздухот што сè уште го нема таму, сигурно ќе биде почист. Ако ништо друго, ем имаме многу пилоти, ем ќе направиме интересна „атмосфера“ на „зелената“ планета.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот