Оџаци има, оџачари нема. Градот ги бара на конкурс и плус ќе им плати!

Загревањето на домовите, во повеќе наврати до сега беше посочувано како најголем причинител за загадувањето во Скопје. 45% од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот, а познато е дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Грејната сезона ја оставивме зад нас, а со тоа стивнаа и жестоките реакциите и коментарите на граѓаните. Ако се водиме по минатогодишните искуства, новата грејна сезона повторно ќе го актуелизира проблемот со загадувањето. Слободен печат побара одговор од Град Скопје во која насока се движат мерките за подобрување на оваа состојба.

Една од мерките кои Градот ја актуелизираше е обновување на конкурсот за обука на оџачари, кои се дефицитарна професија во моментов. Во 2018 година, во двата повика од Градот за пријавување на

бесплатните обуки, се пријавиле само 22 лица, од кои успешно ја завршиле 13. Меѓу нив има и една жена.
Претходно, во 2017 година во Скопје имало само 8 регистрирани оџачари.

Чистење очак во Скопје чини од 1.200 до 3.500, во зависност од големината на куќата

Читатели на Слободен печат кои користат оџачарски услуги потврдуваат дека претставува вистински предизвик да се најде слободен оџачар, бидејќи малкуте оџачари кои ги има во Скопје имаат навистина полни раце работа, и густ распоред, посебно во текот на зимската сезона.

За куќа на два или три спрата оџачарите наплатуваат над 3.500 и денари, додека за помали куќи цената се движи околу 1.500 денари. Градот минатата година даваше и субвенции за чистење на оџаци, во износ од 1.000 денари. Во текот на 2018 година беа доделени 492 субвенции, додека досега во 2019 година пристигнати се 150 барања.
Чистењето на оџаците има за цел да постигне краткорочни и некои подолгорочни ефекти, како што се постигнување на подобро согорување, намалување на штетните отпадни гасови, саѓите и трошоците за затоплување и заштита од пожари.

Град Скопје денеска повторно го обнови јавниот оглас за обуки за оџачари.
Заинтересирани треба да се пријават во работните клубови на центрите за вработување каде се евидентирани како невработени лица, до пополнување на бројот или најдоцна до 30 август 2019 година.Лицата вклучени во обуката ќе добијат месечен надомест од 9.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионалнa болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката.

„Обуките ќе се спроведат доколку има доволен број пријавени кандидати и спроведувачи на обука. Во обуките не може да учествуваат лица кои претходно биле вклучени во оваа мерка“, велат од Град Скопје.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот