ОДГОВОР: За останатите силни гласноговорници на лагата

Само неколку денови откако напишав дека многу повеќе од злоупотреба на слободата на говорот („богохулие“) е да се изговори зборот „чесно“ во врска со што било што се прави во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ („Колку е чесен Мицкоски, ако Груевски е почесен?“), кога портпаролот на партијата Димче Арсовски побрза лично да го потврди тоа со текстот „Само уплашените слабаци пробуваат да ги замолчат останатите“, објавен на порталот Плусинфо. За да не биде дека е изваден од контекст, еве еден поголем цитат од писанието на Арсовски:

„Цели четири броја од весникот ‘Слободен печат’ имав можност моите ставови и размислувања да им ги претставам на граѓаните преку пишан збор, за веднаш уште по првата објавена колумна во весникот, да почнат и притисоците и маките од СДСМ кон доскорешното уредништво. Епилогот го знаете, заради непремостливи разлики помеѓу сопствениците на ‘Слободен печат’ (читај блиски луѓе на Заев и на СДСМ) и уредникот Героски, беше поднесена оставка од уредникот за да не мора да се трпат притисоците и глупостите од овие првите. Веднаш потоа следеше имејл адресиран до мене, каде што ми се прекинува соработката, бидејќи не се знаело дали јас пренесувам лични ставови или на партијата и не било во ред портпарол на партија да пишува колумни во весник. Не било добро за весникот. Нормално, по директна наредба на Заев и на СДСМ“.

Настрана како е пишан овој „збор“ – што не е неважно – останува потврдата дека преку него се обидел очекувано, што значи прилично нечесно, да им ги претстави на граѓаните неговите ставови и размислувања за соработката со „Слободен печат“. Тврди дека веднаш по првата колумна почнале притисоците од СДСМ кон доскорешното уредништво. Се разбира, без да наведе ниеден аргумент, ниеден доказ во врска со таквото тврдење. Потоа, со свои зборови ја прераскажува содржината на имејлот каде (!?) што му се прекинува соработката за прераскажувањето да го заврши со овие две реченици: „Не било добро за весникот. Нормално, по директна наредба на Заев и на СДСМ“. Двете се – нормално – комплетни лаги. Никаде во имејлот не е напишан таков аргумент. А дека ништо не било напишано по директна наредба на Заев и на СДСМ, можел, ако сакал, многу лесно да го провери.

За да не нагаѓаме што било напишано, еве го целиот текст, имејлот „каде“ му се прекинува соработката:

„Почитуван Арсовски, морам да ти соопштам една непријатна вест во врска со нашата натамошна соработка. Рубриката ‘плато’ во весникот ‘Слободен печат’ е замислена – и од првиот број досега така реализирана – како простор во кој автори од различна провиниенција ќе може да ги изразуваат своите гледишта и ставови на теми што сами ги одбираат. Но, колумнисти што не се директно ангажирани (вработени) во некоја партија. Особено не ако е нејзин портпарол, како што е случајот со тебе. Од проста причина што во таков текст никогаш не се знае што е личен, авторски став, а што партиска обврска, стратегија и порака. Се разбира, секогаш тоа оди на штета на потписникот на колумната, која по дефиниција е израз на индивидуален став – интелектуален, политички…

Од тие причини не сме во можност да ја продолжиме нашата соработка. Весникот и натаму останува отворен да ги пренесува ставовите од т.н. десна политичка опција, но преку колумни на автори кои, како што спомнав, не се истовремено и директни застапници на партиските гледишта. Со надеж дека сега ќе ги уважиш овие аргументи и во очекување на повторно дружење во иднина, ти благодарам за разбирањето“. Потпис: Злате Лозановски, гл. уредник на „Слободен печат“.

Никаде нема напишано дека „тоа било добро за весникот“, туку за авторот, ама после ова излегува дека навистина било добро за весникот да прекинат вакви пишувања. Останувам на ставот дека во текстот потпишан од Арсовски тешко е да се разлачи до каде е неговиот личен, а од каде почнува партискиот став. Сакам да верувам дека Димче Арсовски сепак е чесен човек и дека со овој текст само ја извршувал партиската обврска, дека само ги изразувал – иако „лично“ – нејзините стратегии и пораки.

Со почит, Злате Лозановски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот