Одбрана на македонскиот идентитет преку климатското движење

Иво Босилков / Фото: Архива

За екологистите генерално владее стереотипот дека им фали национално чувство. Во ера на идентитетска политика насекаде, каде основната референца за политичко дејствување е државата-нација, мнозинството ги смета екологистите за наивни идеалисти во најдобар случај, и одродени глобалисти во најлош.

Ваквата перцепција е особено нагласена кај нас, со оглед на доминацијата на национално-идентитетските прашања во политичките релации, и внатре и надвор кон соседите. Од таа причина, дури и оние кои со симпатии гледаат на борбата за животна срединa, сепак ја сметаат за маргинална, во услови кога однадвор се негира националната посебност на македонскиот народ, а одвнатре се редефинира неговата државотворност. Ова не е време за утописки политички концепти, ќе кажат скептиците. Ова е време за борба за спасување на колективната гордост и достоинство.

Проблемот со ваквото рангирање на приоритетите е што претставува губитничка стратегија. Гневот од националните понижувања е праведен, но и заслепувачки. Во немоќ да се направи било што продуктивно во врска со тој гнев, останува само да се излее на социјалните мрежи во облик на виктимизација, презир и омраза. На тој начин, желбата да се одбрани националната гордост останува пуста. Уште потрагично, таа заслепеност спречува да се воочат ефективните одбранбени маневри, и да се максимизираат преку насочување на енергијата кон нив.

Пример за ова е климатското движење. Изминатите два петоци, локалниот огранок на Fridays For Future беше коорганизатор на два настана заедно со огранокот во Бугарија, Пет’ци за Б’деште. Во најавата за овие онлајн дискусии за климатските политики на двете држави, беше нагласено дека тие ќе се водат на бугарски и македонски јазик, нешто што во мејнстрим круговите на источниот сосед е незамисливо во овој период. Околу ваквиот опис воопшто немаше никаков спор ниту полемики меѓу двете групи на климатски активисти. Едноставно, тие се соборци во битка која и двете ја гледаат како посуштинска, и поради тоа, ваквите “контроверзи” се минорни во однос на големата слика.

Всушност, тоа и открива како треба да се пристапи кон оваа проблематика. Агресивното настојување нашите позиции да бидат беспоговорно признаени секогаш ќе наидува на отпор кај нации чии историски наративи се спротивставени на нашиот. Фактички не постои начин да се убеди и натера некој да прифати било какви аргументи кога самиот амбиент е конфронтативен, фокусиран на надмудрување и наметнување.

Климатското движење е апстрахирано од ваквиот амбиент. Таму комплексите се излечени, а “другиот” не е непријател туку сојузник од некое друго место. Фактот што “другиот” е посветен на истата благородна и хуманистичка кауза создава услови за меѓусебна доверба. И кога таа доверба ќе биде канализирана во активна соработка, како во изминатите две недели, тогаш ваквите препирки стануваат неприродни и непристојни. Практично, за вакви прашања и на двете страни им е под чест да разговараат.

Во овој амбиент, оние на кои навистина им значи нивниот јазик, потекло и култура, и се свесни дека ја имаат правдата на својата страна, имаат можност да ја искористат добрата волја и да демонстрираат дека признавањето на македонскиот јазик воопшто не е никаква закана. На тој начин се прави разлика – нашите соборци од соседството се еманципираат, и потоа на нивните сонародници им ја пренесуваат пораката: овој народ не сака ништо да ни украде, тоа е едноставно нивен национален код, и кога тој ќе се стави на страна, тие имаат исти желби, стравови и соништа како и ние.

За жал, на штета токму на националните интереси, кооперативниот пристап кој ја редуцира тензијата и создава вистинска промена во односите меѓу народите е прилично неатрактивен за оние кои најмногу се удираат во гради, колнејќи се во македонштината. Петоци за Иднината од своето формирање во март минатата година ја носи додавката Македонија, без префиксот “Северна”. Во текот на целото постоење никој од меѓународната мрежа на која движењето припаѓа ниту ни забележал, ниту ни замерил. Организацијата секогаш можела да се нарекува како што сака, се додека искрено и посветено се бори за климатска правда и транзиција кон чисти извори на енергија.

Ова е совршена практична илустрација на правотo на самоопределување и сувереност. Проблемот е што никој ниту од големите бранители на името никогаш не го забележал истото. Големите патриоти се први кога треба да посочат некаква навреда или отстапка во туѓа корист, затоа што така ја хранат сопствената виктимизација и огорченост. Меѓутоа, кога треба да се оддаде признание за методите со кои во некоја арена сме останале доследни на себеси, тогаш ги нема нигде. Некакво пак приклучување или активна поддршка на активностите (со што уште повеќе ќе се промовира овој принцип) е на ниво на научна фантастика.

Причината е што тоа не се патриоти, туку обични садомазохисти, кои во отсуство на некаков афективен конфликт го губат интересот. Покрај кавгаџискиот менталитет, тие се одликуваат и со мачоистички инстинкт за доминација. За нив, ако не се добие нешто на сметка на тоа другиот да изгуби, тоа не е вистинска добивка. Затоа и климатските промени, кои ќе ги погодат сите народи во следните децении, не се во состојба да го разбудат воинствениот дух. Какво задоволство може да се добие од нешто на кое работиме сите заедно? Каква страст може да предизвика борбата против непријател кој не е ривал на симболичкиот терен?

Климатското движење е израз на вистински патриотизам. Не поради успешната одбрана на името и јазикот, тоа е само индикатор на правилниот начин на размислување на екологистите во целина. Тие не го прават сето ова со задна намера за национални поткусурувања. Но и покрај тоа, преку нивната агенда за чиста животна средина во Македонија, не некаде на друго место, тие се стекнуваат со еднаквост и легитимитет во очите на сите оние кои на други места се борат за чиста животна средина, а не во Македонија.

Ова е феномен во кој преку деприоритизацијата на симболичкото се доаѓа до спореден ефект на делегитимирање на неправдите со кои Македонија и македонците се соочени. Можеби тој феномен звучи контраинтуитивно, но резултатите го поткрепуваат. За многумина, поимањето на патриотизмот на екологистите и понатаму ќе остане неразбирливо. Критиката на оние кои барем размислуваат за сето ова е дека борбата за здрава животна средина е од материјална природа. Поради тоа, за нив зачувувањето на достоинството како виша вредност треба да биде приоритет од морална гледна точка.

Но тие критичари грешат. Суштината на социјалната екологија не е преживување и комфор. Таа ја има највисоката морална димензија што постои, затоа што нејзиниот идеал е хармонија, мир и, најпосле, љубов, кон природата и кон животот. Ова не се материјални вредности, кои не допираат до сферата на националното. Напротив, љубовта за татковината е почетокот и крајот на ова интелектуално и духовно патешествие.

Ова е лекцијата за запенавените патриоти кои ги исмејуваат екологистите како анационални “граѓани на светот”, а во меѓувреме со главата низ ѕид одат од пораз во пораз, додека самобитноста постепено ни еродира. Не е никаков парадокс да се биде истовремено и патриот и граѓанин на светот. Нема никаква контрадикција меѓу борбите за еколошка, социјална и национална правда. Овие борби се комплементарни, а изгледите за остварување на нивните цели ќе бидат далеку поголеми кога меѓу нив ќе има хармонија, наместо инает.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот