Одбрана на лидерката на пензионерите
Браќа што протестирате, каде ви е почитувањето на презумпцијата за невиност и достоинственост, како заборавате на потребата за родова застапеност и пристрасност?
Како редовен и ревносен читател на весникот „Пензионер плус“ се препознав во повикот на членовите на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) и веднаш ја прифатив задачата на раководството бескомпромисно да се борам против дезориентацијата на одговорните во надминувањето на „одредени дезинформации“ и да пристапам кон враќањето на изгубената доверба и нарушеното достоинство во организацијата. Од низа причини се определив за одбрана на претседателката на СЗПМ по која засилено и неконтролирано фрлаат дрвја и камења и се бара оставка со одговорност за неправилностите, глупостите и непочитувањето на законитостите во дејствувањето на Сојузот. Споменатата немаше да се доведе до ова дереџе ако барем еднаш ме послушаше и постапеше според моите совети, но верувам дека суетата и зголемената тврдоглавост, тоа не можеа да ѝ го дозволат. Сега не знам како да ја преколебам сериозно да ја сфати состојбата што самата си ја наметна и брзо да одговори на барањата за да си ги олесни страдањата.
Истовремено се прашувам зошто пензионерите кои протестираат со толкава жестина ја напаѓаат претседателката, ако меѓу нив не се крие некој заменик или подготвуваат нејзино испраќање и враќање на невидникот со претходникот кај кого не верувам дека има помисла за таква премисла. Заканите одат до покренување кривична постапка со претпоставка за одговорност поради изборниот марифетлук со лажното пријавување на местото на живеење.
А бре браќа што протестирате, каде ви е почитувањето на презумпцијата за невиност и достоинственост, како заборавате на потребата за родова застапеност и пристрасност? Каде ви е невидената стручност и незаменливост на претседателката која со многумина како вас се справува и за себе чаре побарува? Разберете еднаш и веднаш дека колку да ѝ наоѓате маана, правото е на нејзината страна.
Јас, пак, имам забелешки на „Констатациите и заклучоците“ што ги усвоил Извршниот одбор на СЗПМ како реакција на протестите. Во целост се согласувам со членовите на ИО дека протестите постојат и треба да се признае дека нешто не е во ред со раководењето во Сојузот, ама тие не ја гледаат вината кај претседателката, која сѐ прави за ништо да не направи. Навреме да си признаеше дека местото го зазеде со нелегални, нелегитимни и незаконски избори, барем нив немаше да ги става на маки да ја бранат за да не можат да ја одбранат. Можеби сето ова ќе се подзаборавеше ако во работата на Сојузот не се правеа грешки и пропусти што создадоа револт и негодување кај поголем број пензионери што ги искажуваа на протестите.
За волја на вистината, имаше констатација и поранешно признание на Извршниот одбор дека во основните дејности на СЗПМ, културно-забавните и спортските активности, наместо зголемено, има намалено учество на здруженијата на пензионери. И, замислете, одговорните допрва ќе откривале зошто во овие активности не се вклучени сите пензионери, а претседателката им ветува дека со нејзината анализа и препораките што треба да им ги упати, ќе ги смилува да им се придружат на ревиите и на спортските натпревари. Чудно е раководството да не знае дека неучеството во овие манифестации е реакција против нелегитимниот избор на „лидерката“ која минатата година со полициски кордон насила се прогласи за претседателка. Затоа ја потсетувам дека ниту слуша, ниту работи според нејзините некогашни определби и заложби што несвесно или намерно ги погази.
Колку немилози и небулози има во работата и раководењето со пензионерската организација сега повторно нема да набројувам, но ќе поставам некои поважни прашања за функционирањето на Сојузот. Дали раководството чувствува некаква одговорност и размислува за самораспуштање или ново прописно и законско организирање на изборите поради манипулативното доаѓање на чело на СЗПМ? Каков бенефит оствари Сојузот за пензионерите со добивањето статус на организација од јавен интерес? Како стојат работите со собирањето, распределбата и трошењето на членарината од пензионерите и, дали сѐ уште функционира „Регистрираната организација“, која воопшто не е регистрирана? Ќе се направи ли систематизација на работните места за ангажираните и избраните лица за да се утврди (не)потребата од толку „функционери“ во СЗПМ? Каква е половата, родовата и „непотовата“ застапеност во организацијата и дали е согласно Законот и Статутот претседателката да биде повторно избрана за член на Управниот одбор на Фондот ПИОМ? Зошто не се транспарентни надоместоците и паушалите со другите додатоци на раководните и помошните лица во Сојузот со пресметка на годишно ниво и објавување во весникот и на сајтот на организацијата?
Иако има уште многу прашања, овде застанувам во очекување барем на две-три да добиеме реални одговори или видни практични постапувања. И, нека не се лаже ова нелегитимно раководство на СЗПМ дека ќе му успее вовлекувањето под кожа на новата владина постава на Република Македонија, зашто веќе од почетокот е прочитано и во ад акта ставено.
(Авторот е новинар во пензија)