Одбрана и побогати денови за Македонија во НАТО

Фото: МИА

Членството на земјава во НАТО е важно од безбедносен, но и од политички аспект, порачаа претседателот Стево Пендаровски и американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс, на заедничкото предавање на тема „Значењето на пристапот на Македонија во НАТО“ што се одржа завчера на Универзитетот Американ колеџ.

– Членот 5 од Северноатлантскиот договор гласи дека доколку една земја членка е нападната, тогаш одговор ќе следува од сите земји-членки. Ова значи дека како идна членка на НАТО, нашата безбедност се гарантира од сите земји членки на Алијансата – рече Пендаровски.

Членството во НАТО, додаде тој, ѝ овозможува на нашата армија да биде дел од глобалниот систем за одбрана, односно да биде во блиски односи и да соработува со армиите на нашите партнери. Но, како што потенцира претседателот, тоа не значи само безбедност и воена обука, туку и развој и нов пазар на труд и нов пазар за нашите компании. НАТО има многу програми за јавна дипломатија за истражување и развој во кои може да учествуваат студентите и граѓанскиот сектор.

– Членството во НАТО значи и споделување исти вредности, бидејќи договорот вели дека членките се обврзуваат да ги чуваат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото – рече Пендаровски.

Сепак, со членството во Алијансата, додаде тој, нема да исчезнат сите безбедносни ризици, бидејќи живееме во динамичен свет каде што безбедносните закани се асиметрични и не може секогаш да се предвидат.

– Најдобриот начин за справување со современите безбедносни закани е колективната безбедност, затоа што тогаш не сме сами, туку имаме сојузници со кои можеме да ги здружиме ресурсите и заеднички да одговориме – порача претседателот.

И амбасадорката Бернс го спомна членот 5 од Северноатлантскиот договор и потврди дека нападот на една земја се смета како напад на целата Алијанса. Според неа, поволностите од овој член САД ги почувствувале во септември 2011 година кога сите сојузници застанале зад земјата по страшните терористички напади.

– Различните видови закани со кои се соочуваме сега се екстремно комплицирани и се закани со кои ниедна земја не може да се соочи сама, па дури ни Америка. Ставањето на нашите можности и капацитети во заедничка одбрана е единствениот начин на кој ќе бидеме подготвени и ќе можеме да успееме да овозможиме безбедност за идните генерации – рече Бернс.

Премиерот Зоран Заев посочи дека освен безбедносните поволности, членството на земјава во НАТО ќе донесе нови и големи странски инвестиции.

– Синдикатите се со нас затоа што знаат дека ќе имаат поголеми работнички права, поголеми плати и подостоинствени работници – рече Заев.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска појасни дека членството во НАТО значи и зголемена предвидливост и поголем економски раст.

– Не треба да чекаме членството во НАТО да ги реши сите наши проблеми, бидејќи тоа е процес на растење, трансформација и подобрување на државата – истакна Шекеринска.

И директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, неодамна потврди дека се реални очекувањата за зголемен прилив на инвестиции ако Македонија стане дел од Алијансата.

– Голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и од тоа дали ќе можеме да го приспособиме домашното стопанство и економија – рече Кацарска.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, пак, во изјава за „Слободен печат“ потсетува дека Македонија со членството во НАТО политички нема да загуби ништо, но дека тоа има и своја цена.

– Ние нема да претрпиме никаква политичка загуба, бидејќи ние не сме нација што може сама да се одбрани, а и во минатото честопати сме покажале дека сме нестабилна територија. Најголемите промени ќе ги почувствуваме на економски план, бидејќи тогаш ќе мора да трошиме многу повеќе пари за НАТО. На пример, предвидената сума од буџетот за одбрана, која во моментов изнесува 0,7 отсто, со влегувањето на земјава во НАТО ќе се зголеми на 3,5 отсто. Тоа значи дека трипати повеќе пари ќе треба да трошиме за одбраната, ќе треба да учествуваме во меѓународни мисии и ќе треба да придонесуваме во заедничкиот буџет на НАТО. Секако, тие промени нема да се случат веднаш, бидејќи има рокови, но во секој случај македонскиот народ ќе мора да се соочи со еден мал економски удар – објаснува Арсовски.

Македонија до март очекува да стане официјална членка на Алијансата, а за тоа потребно е само уште да се состави парламентот на Шпанија за да го ратификува протоколот.

Трамп: Македонија не е финансиски товар за Америка

Претседателот на САД, Доналд Трамп, испрати писмо до претседателот на Сенатот, Мајк Пенс, со кое потврдува дека членството на Македонија во НАТО нема да направи дополнителен трошок во американскиот буџет. Во писмото се вели дека приемот на Северна Македонија во НАТО нема да има ефект на зголемување на процентот на уделот на САД во Буџетот на НАТО. „Вклучувањето на Северна Македонија во НАТО не ја намалува способноста на САД да ги исполнат нивните воени обврски надвор од Северноатлантскиот регион“, напиша Трамп.

Ангеловска: Огромни придобивки

Со влегувањето на земјава во НАТО за македонските компании се отвора нов пазар од неколку милијарди евра, додека, пак, политичката сигурност ќе ги стимулира инвестициите и тоа ќе доведе до креирање нови работни места, зголемување на обемот на трговијата и забрзување на економскиот раст и развој, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска.

– Јaвните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и паметни правила што овозможуваат брз и флексибилен процес на набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда. Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ-компаниите, кои можат да добијат работа и како супконтрактори, но и за другите компании – рече Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот