Одбојкарите со пресврт до нова победа во Европската сребрена лига

Фото: facebook.com/volleyballmkd

Во свој втор натпревар на вториот турнир кој се одржува во Шлагелсе (Данска) македонската сениорска одбојкарска репрезентација триумфираше над Израел со резултат 3:1.

После вчерашната победа над домашната селекција, овојпат избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ мораа да се враќаат од негативата. Доста убедливо Израелците го освоија првиот сет (25:16), што беше знак дека противникот не се шегува.

Борба се водеше за секој поен до самиот крај на средбата, а нашите одбојкари во следните три сета го оставија сето срце на теренот за нови бодови во Европската сребрена лига.

Израмнија на 1:1 откако триумфираа во вториот сет со 32:30, а и третиот исто така беше добиен со два разлика (31:29). Во четвртиот сет иако ривалот водеше и со три позитива во еден момент од тој период (14:17), беше направен пресврт за конечни 25:23.

Најефикасен во нашите редови беше Никола Ѓоргиев со 21 поен, а истиот учинок на спротивната страна го имаше и Идо Давид.

Моментно во групата „А“ води Македонија со 12 бодови, пред Данска која има осум, следуваат Кипар (четири) и Израел (три). Од 19.00 часот својот меч од рундата ќе го имаат Данците и Кипраните.

Третиот последен меч нашата селекција ќе го има в недела од 16.00 часот против Кипар. Потсетување дека без разлика на кое место Македонија ќе заврши севкупно по двата турнири, главното ќе претстои во Струмица каде ќе се игра завршниот турнир од 3-5 јуни, а како домаќини ќе имаме голема шанса да дојдеме до златниот медал во ова натпреварување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот