Одбојкарите со максимална победа на традиционалниот турнир „Чајка“

Македонските одбојкари атакуваат на триумф во Скопје против БиХ/ Фото: facebook.com/volleyballmkd

Денеска македонската одбојкарска сениорска репрезентација започна успешно на 45 издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“.

Нашите најдобри одбојкари максимално со резултат 3:0 во сетови 25:21, 28:26 и 25:19 славеше над Црна Гора во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје.

Со две серии на крајот на првиот и на вториот сет од 6:0, односно од 6:1, нашата репрезентација изгради предност од 2-0 во сетови, а во третиот создаде позитива од 12:7, по што лесно ја заокружи четвртата победа во шестиот меѓусебен дуел со Црногорците.

Противникот грешеше многу, ние игравме разновиден напад, Владо Милев и Никола Ѓорѓиев имаа одличен процент на реализација, центрите беа стандардни, Љафтов фати приклучок во секој елемент, а тое е рецепт за убедлив триумф.

Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен со 16 поени (15 од напад и 1 блок), Љафтов заврши со 13 (7 од напад, 3 блока и 3 аса), Милев освои 10 (сите од напад), Николов придонесе со 6 (3 од напад и 3 блока), Маџунков со 5 (сите од акција), а Ѓорѓи Ѓорѓиев забележа два блока.

Последна проверка за избраниците на селекторот Душко Николиќ пред настапот на Европското првенство ќе биде Словачка в сабота.

Во петокот требаше да ги одмериме силите и против Израел, но оваа репрезентација го откажа настапот откако двајца нејзини членови вчера беа позитивни на тестовите за ковид-19.

На Европското првенство сме во група со Русија, Шпанија, Турција, Финска и Холандија, мечевите ќе ги играме во Тампере. Ќе стартуваме на 1 септември против домаќинот Финска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот