Одбојкарите пред ЕП ќе одиграат два меча со европскиот шампион Србија

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонските најдобри одбојкари го одработија првичниот и најдолг период од подготовките за настапот на Европското првенство (1-19 септември 2021) кое ќе се одржи во четири земји, Полска, Чешка, Естонија и Финска.

Во базата во Маврово избраниците на селекторот Душко Николиќ тренираа безмалку еден месец, а денеска и утре се во Скопје по што ќе го почнат периодот на пријателски натпревари како еден од најважните сегменти за достигнување вистинска форма пред нашето второ учество на континенталните самити.

– Задоволен сум од 27-те денови поминати во Маврово. Работевме на секој дел, физички, технички и тактички, одбојкарите го имаа вистинскиот пристап, сите се мотивирани да дојдеме до ниво кое ќе ни овозможи самодоверба, но и реална надеж дека можеме да ги оствариме нашите амбиции – вели Николиќ.

Фото: facebook.com/volleyballmkd

Македонија в среда ќе оди во Белград за две контроли со актуелниот европски шампион Србија, а потоа ќе се врати во Скопје каде што ќе го очекува традиционалниот турнир „Чајка“. Во перидоот од 19-21 овој месец, ќе ни гостуваат Црна Гора, Израел и Словачка, а по натпреварите во салата „Борис Трајковски“ – Скопје постои опција да биде закажан уште еден двомеч со реномиран противник, но само доколку селекторот Николиќ процени дека има потреба за дополнителен тест.

– Наша цел во оваа фаза е да работиме на себе, да го оствариме тоа што можеме во смисла на подготовка на тимот. Дали сме успеале ќе покажат натпреварите на Европското првенство, а дотогаш ќе имаме доволно време дополнително да ја анализираме нашата игра на претстојните пријателски натпревари. Јас сум оптимист дека се ќе биде како што треба – вели Николиќ, кој во стручниот штаб ги има асистентот Арсение Протиќ и кондицискиот тренер Горан Пањковиќ.

Фото: facebook.com/volleyballmkd

Во групата во финскиот град Тампере на ЕП македонската репрезентација најпрво ќе игра со домаќинот, како што беше и на првото Европско првенство за нас пред две години во Љубљана. Тогаш загубивме од Финците, па и покрај тоа што остваривме две победи, меѓу нив и онаа над европскиот вицепрвак Словенија, не ја минавме групата. За разлика од тогаш, сега сме поискусни, што може да биде предност, но точно е и дека веќе не сме изненадување за ниту еден противник.

Од сите одбојкари (вкупно 24) коишто го минаа мавровскиот подготвителен филтер, посериозни здравствени проблеми има само Иван Андонов кој ја повреди раката, а поради тоа има минимални шанси да биде дел од патниците за Тампере. Сите други засега се подготвени да се надигруваат за место во црвено-жолтиот состав. Покрај натпреварот со Финска на 1 септември, на Европското првенство редоследно ќе ги одмериме силите со Холандија, Турција, Шпанија и Русија, а за разлика од групата во Љубљана во 2019 кога петте натпревари ги одигравме за шест дена, сега ќе имаме три дена одмор, а групниот настап ќе го завршиме на денот на државноста 8 септември, со надеж дека потоа ќе одиме чекор напред, односно во осминафиналето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот