Одбојкарите го претрпеа и вториот пораз во Европската сребрена лига

фото: facebook.com/volleyballmkd

Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје најдобрата македонска машка одбојкарска репрезентација загуби од селекцијата на Албанија во својот трет натпревар во Европската сребрена лига.

Албанците триумфираа со 3:1 во сетови, ривалот го доби првиот сет со 25:23, па израмнивме на 1:1 откако вториот сет го освоивме со 25:20. Во третиот сет гостите доминираа (25:17), иако неколку пати имавме предност од два поени. А четвртиот сет го добија противниците со 25:22, иако имавме добра шанса да израмниме повторно во сетови. Трипати доаѓавме до четири поени предност, но Албанија која имаше и одличен сервис во текот на мечот се врати и на крајот ги постави конечните 3:1.

Тоа е втор пораз за избраниците на селекторот Ратко Павличевиќ во рамките од групата „Б“ во која денеска се одигра уште еден меч, Романците го запишаа и третиот триумф откако дома со 3:0 беа подобри од Босна и Херцеговина.

– Многу сум разочаран од поразот, исто така мора да им се честита на Албанците кои сервираа феноменално во оваа сала. Нè победија дома на овој елемент, а знаете дека во модерната одбојка, 80% од одбојката е сервисот. Не можевме да се справиме најдобро со нивниот сервис и оттаму тие се разиграа, создадоа доста проблеми. Можевме да одиграме доста подобро, но мислам дека е нормално, имаме доста помлади играчи и играта се движи на осцилации. Ништо не е готово, одиме во Албанија да им се одмаздиме, тоа го ветувам и ќе го докажеме тоа. Ние потфрливме на прием, но за тоа имаат заслуга и Албанците. Ќе ги скаутираме добро, мора да излеземе похрабри и помотивирани, и да се радуваме на победа во сабота – рече македонскиот одбојкарски репрезентативец Ѓорѓи Ѓорѓиев по мечот со Албанија.

На табелата води Романија со 8 бодови, пред Македонија и Албанија кои имаат по четири, а последна е БиХ со два.

Во следното четврто коло повторно ќе ги одмериме силите против Албанците овојпат на гостински терен на 4 јуни, што може да биде решавачки најверојатно за освојување на втората позиција која води исто така во плеј-офот.

На вечерашниот дуел повторно имавме проблеми со приемот, немавме решение за расположениот Антон Ќафарена кој за албанскиот состав запиша 28 поени.

Во нашите редови Стојан Илиев ја одигра досега една од своите најдобри партии националниот дрес, иако не беше доволно, со 20 поени, а пет помалку запиша Никола Ѓорѓиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот