Одбележување Светска недела на доење – поддршка на доењето за поздрава планета

„Поддршка на доењето за поздрава планета” е годинешното мото на Светската недела на доење, што традиционално се одбележува од 1 до 7 август. Неделата на доење, годинава, се одбележува под посебни околности, во знак на глобалната пандемија со Ковид-19 и според препораките на Светската здравствена организација, со посебен фокус за важноста на соработката, заедништвото и партнерските односи во промоцијата на доењето и пружањето поддршка на младите мајки., информират од Министерство за здравство.

Од Комитетот за доење посочуваат дека согласно препораките на СЗО и УНИЦЕФ, мајките треба да ги дојат своите бебиња и доколку имаат Ковид-19, бидејќи придобивките го надминуваат ризикот од зараза. СЗО препорачува мајките кај кои постои сомневање или е потврден Ковид-19 да бидат охрабрени, како и сите други мајки, да почнат или да продолжат со доење. Многубројните предности од доењето за новороденчиња и децата значително го надминуваат потенцијалниот ризик од зараза со Ковид-19.

Досегашните научни истражувања покажуваат дека новиот коронавирус COVID-19 не се пренесува преку мајчиното млеко. За време на доењето и контактот со бебето треба да применуваат респираторна хигиена, доколку е можно да носат маска; потребно е да ги мијат своите раце пред и по допирање на бебето со сапун и вода или дезинфициенс на база на алкохол. Миењето на рацете треба да биде најмалку 20–30 секунди, согласно препораките и техниките за правилно миење на рацете, како и редовно чистење и дезинфицирање на површините што ги имаат допрено.

Доењето е еден од најважните начини за унапредување и чување на здравјето. Тоа е најдобриот начин на исхрана на доенчињата, ја поставува основата за добро здравје, не само во периодот на детството, туку и во адултната возраст, воедно носи и голем број бенефити за мајките и за општеството во целост. Во согласност со препораките на СЗО доењето треба да е ексклузивно во првите шест месеци од животот, да трае до две години и подолго, паралелно со воведувањето други видови храна по шестиот  месец.

Република Северна Македонија со години наназад има имплементирано голем дел од  препораките на Светската здравствена организација, кои имаат за цел да го промовираат и заштитат доењето, формиран е Национален комитет за доење. Воедно, преку Програмата за здравствена заштита на мајките и децата, континуирано  се спроведуваат активности за промоција и заштита на доењето и се вршат обуки на здравствените работници од патронажните служби и превентивните советувалишта во здравствените домови, каде тим од лекар и сестра се постојано на располагање во давањето стручна помош за справување со сите можни предизвици поврзани со доењето.

СТРУЧНИ СОВЕТИ ОД КОМИТЕТОТ ЗА ДОЕЊЕ – ОДГОВОРИ НА НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА ОД ЗА МАЈКИТЕ КОИ СЕ ПРЕД ПОРОДУВАЊЕ И ВО СТРАВ ОД ИНФЕКЦИЈА, НИВНА ИЛИ НА НИВНОТО БЕБЕ: 

1. Дали може да се пренесе вирусот од мајката на бебето? Одговорот е дека постојат студии кои се контроверзни, тие коишто пронашле вертикална трасмисија на вирусот се со мал процент од 7 до 10 проценти, а бебињата се без симптоми или со лесна клиничка слика.

2. Дали мајките кои се суспектни или COVID-19 позитивни можат безбедно да ги дојат своите бебиња? Одговорот е да, треба и пожелно е да ги дојат своите бебиња, бидејќи ако се престане со доењето, ќе се намали и количеството мајчино млеко, а со тоа и заштитните фактори коишто ги содржи. Мајчиното млеко содржи антимикробни фактори: секреторен ИгА, ИгМ, ИгГ, олигосахариди, лизозими, леукоцити и таканаречени цитокини и антиинфламаторни фактори.

3. Дали во мајчиното млеко кај COVID-19 позитивна мајка може да го има SARs- CoV вирусот?  Реализирани се повеќе студии во различни региони од светот и во ниту една од нив не е докажано присуство на вирусот во мајчиното млеко. Тоа значи дека единствен начин на којшто мајката може да го пренесе вирусот на своето дете е преку респираторните патишта. Поради тоа, неопходно е одржување на личната хигиена и задолжителна употреба на заштитни маски при доењето. Во случај кога мајката е со потешка клиничка слика, која бара нејзина хоспитализација пожелно е ако постојат услови да се искористи нејзиното измолзено млеко со помош на медицински сестри. А во случај да е со исклучително тешка клиничка слика може да се користи измолзено млеко од мајка донор. Исто така, според СЗО и УНИЦЕФ, COVID суспектна или позитивна мајка во првите моменти од раѓањето треба да го стави бебето на своите гради, не само заради млекото, туку и заради таканаречениот „skin-to-skin” контакт, исклучително значаен за емотивната и психолошката поддршка, како за бебето, така и за мајката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот